Според пописот од 2021, во Македонија има 100 невработени доктори на науки и 1.541 невработени магистри. Доволно за да се формираат уште најмалку 10 нови универзитети во државата, каде би се образувале десеткратно-повеќе доктори и магистри, за евентуално да има универзитет не само во секој град, него и во секое село во Македонија. Така ќе бидеме најобразованата држава во светот со најмногу невработени доктори на науки и магистри.
June 14, 2022
За посетата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Брисел
Денес читам министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска била на посета во Брисел, и вели дека потребен ни бил македонски културно-информативен центар во срцето на Европа. Центарот таму би ја промовирал македонската култура и традиција. Вели, „На овој начин би ги презентирале македонските вредности токму во градот во кој има бројни меѓународни организации и претставништва, дипломатски мисии, град кој ја симболизира обединета Европа“.
Таму министерката се сретнала со ред видни личности од политиката и културата на Белгија: со генералната директорка за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија, со директорката за меѓународни односи на Палатата за убави уметности, и со директорката за филм, каде разговарале за разни соработки. Си велам, можеби е во право, кој би бил против сето ова. Али јас по характер секогаш сум бил скептик кога се во прашање секакви изјави од политички личности.
Прво, во врска со нејзината посета во Брисел. Не дека има некоја штета од тоа, али сепак, министерката била таму на дводневна посета, и сето тоа кошта пари. Не би можел да проценам колку тоа би коштало за дводневна посета во некоја Европска престолнина. Сигурно таму не била сама, сигурно имала и придружба. Значи, зборуваме за некоја сума од над 1.000 евра. Е, сега, кога некој ќе ми рече дека министерството за култура немало пари за две канти поликолор да се исфарба споменикот во Отешево, или 100 евра за да се санира споменикот на Лазар Личеновски во Крушје, а вакви недостатоци има низ цела држава, тогаш како некој би можел да ја оправда нејзината посета во Брисел за состанок и разговор со некои личности таму?
Второ, во врска со нејзината идеа за македонски културно-информативен центар во Брисел. Не треба многу да фантазираме дека ако се отвори таков центар во Брисел, таму редици луѓе ќе чекаат на врата да влезат во тој центар да се запознаат со македонската култура. Тоа е само заблуда.
Друго, дали тие во министерството за култура имаат промислено каков финансиски терет таков центар би бил за министерството? Месечно ќе треба да се плаќа кирија, сигурно колку за некој трособен стан во Брисел. Ќе треба да се вработи директор, сигурно и секретар/ка. Вработените би земале плата по европски стандарди. Да не заборавиме дека вработените ќе бидат вработени политички. И ред други месечни и годишни трошоци.
А во Брисел веќе имаме амбасада. Нели една од нејзините должности е промовирање на македонската култура и традиција? Истото тоа го прават странските амбасади во Македонија. Нели би било финансиски подобро истите тие трошоци за македонски центар во Брисел да се искористат за промоција на културата овде во државата, за финансирање на разновидни културни проекти, од кои сите ние ќе имаме корист?
Јас лично работам на еден истражувачки проект од културата. Ми требаше информација од Министерството за култура, не барав никакви финансиски средства. Им се обратив два пати на нивниот контакт од нивната веб страна, и еднаш лично до министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, и после три недели уште немам добиено одговор од нив. Ако тие не можат да обслужат некој од државата со обична информација, што гајле мене ми е дека некој Белгијанец ќе можел да влези во некој си македонски културен центар во Брисел да добие информации за македонската култура?
===========
https://nezavisen.mk/kostadinovska-stojchevska-od-brisel-potreben-ni-e-makedonski-kulturno-informativen-centar-vo-srceto-na-evropa/
August 12, 2021
Немам соговорници
Доктори велат, кога ќе почниш да го губиш паметот еден добар лек било да се социјализираш, да се дружиш со луѓе, и најглавно да разговараш. Си велам, дај и јас да почнам така пред да ми отиде паметот. Али не сум знаел дека тоа ти било толку тешко во ова време. Ево неколку примери.
Се сретнувам со Спире (сите имиња се измислени) на кафе. Штом Спире ќе ја отвори устата, запирање нема. Спире е од оние што знаат се, и во животот поминал работи што никој друг не ги поминал. Кога ќе земи голтка од кафето, си велиш дај и јас да вметнам барем една реченица. Ама џабе! Ќе те преќини и ќе ти речи, чекај уште ова да ти го докажам. И така поминал цел саат. И ти кутриот немаш друг избор освен да му се извиниш, извини јас треба да го земам внукот од градинка, и да си заминиш. Сигурно и вие сте имале слично искуство.
Идната недела се сретнувам со Гога, школски другар. Гога ужива да разговара за политика. Али секој трет збор му е некоја убава пцовка, да се изнаслушаш. За него политиката е само за пцуење. Нема што да се разговара.
Идната недела се сретнувам со Јордан, долгогодишен комшија. На Јордана му го купиле првиот смартфон само пред 6 месеци, и сега човекот не можит никако да се откачит од фејсбук, јутуб и гледање на голи женски. Штом седниш на маса, веднаш ќе ти го вперит мобилниот пред очи и со сила те тера да гледаш во него: еј.., види што прочитав интересно на ФБ, види го клипов на Јутуб колку интересно човекот кажува, видија ова женскава, пријателка ми е на Фејсбук од Неготино. Не сака ни збор да чуе од тебе. Штом ќе заврши со неговата презентација, ќе ти се извини и ќе си замине.
Ти седиш на маса и чекаш да не наврати некој друг пријател. За среќа ете го Миле. Миле се смета за многу интелигентна личност. Вели, тој не верува во ништо ако не е докажано од многу познати, паметни луѓе. Демек, нешто кажано од многу позната паметна личност не може да биде лага. Си велам, ево на крај ќе поразговарам се некој паметен. Проблемот на Миле е тоа што тој уште од давно науката и критичкото размислување ги фрлил на буниште. Ќе те убедува дека моментално на земјава има дојдено едно чудо вонземјани и тие прават секакви бељи. Или дека некој доктор во Јапонија лечел од рак со сода бикарбона. Или дека некој француски нобеловец рекол дека сите вакцинирани против КОВИД-19 ќе умрат за две години и нивните тела мора да бидат изгорени. Тој е убеден во сето ова само бидејќи било кажано од многу позната и паметна личност. Ај сега да те видам со здрав разум разговарај со Милета?
Значи, по се изгледа јас полека, полека ќе си го изгубам паметот само немајќи со кого да разговарам.
За македонскиот менталитет
Еве една доста реална слика за македонскиот менталитет. Ние што сме живееле во странство подолги години велиме, зошто, земи го истиот човек...
-
Првиот пат кога се сретнав со масовно препишување на некој македонски универзитет беше на курс по техничко пишување што го предавав. Некаде ...
-
Сега веќе ја добивме крајната цена за реконструкција на ова училиште во Љубојно, цели 32.8 милиони денари! Не сакам да бидам сфатен погрешно...
-
Во еден пост од January 12, 2020 во групата „Мојата Преспа...“, господинот Metodija Jonovski пишува за царските гробници на островот Ахил...