[Ова е пародија]
После скоро осумдесет години од кодификацијата на македонскиот јазик граѓаните на Македонија сеуште комуницираат на својот локален дијалект. Од Министерството за култура објаснуваат дека задолжително ќе се проверува кај секој граѓанин на Република Северна Македонија дали коректно го употребува македонскиот стандарден јазик.
Во однос на казнената политика, од Министерството за култура објаснуваат дека за вршење инспекциски надзор над примената на Законот за употреба на македонскиот стандарден јазик се предлага основање јазична полиција за контрола на употребата на јазикот во секојдневната комуникација. Прекршочните одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоците. Во овој закон се пропишуваат и глобите.
Се предвидува на сите факултети за безбедност во државата да се воведи нов смер „Јазична полиција“, каде кандидатите ќе бидат обучувани како да препознаваат прекршоци во употребата на македонскиот стандарден јазик и како да спроведуваат казнени постапки. Казнените постапки ќе бидат во форма на јавно камшикување.
За оваа цел Министерството за култура планира да вработи врвни професори полицајци од одредот на „Моралната полиција“ во Иран и Авганистан за да ги обучуваат македонските кандидати како да го спроведуваат камшикувањето. Јазичните полицајци ќе бидат распределени насекаде и во сите области и сфери во државата, нарочито таму каде што се прават најсериозните јазични прекршоци, на пазарите, во кафулињата и пред селските задруги и кооперации.
Глобите ќе зависат од тоа каков јазичен прекршок има направено говорителот. Например, за грешна употреба на глаголската форма -ет од некој Охриѓанец следува само еден камшик. За неточна локација на акцентот од некој од источните предели на Македонија следуваат пет камшици. А за употреба на србизми меѓу говорителите во Скопје следуваат петнаесет камшици, итн.
Со овој закон за следните 175 години сите граѓани на Македонија ќе се ослободат од нивните архаични дијалекти и правилно ќе го употребуваат македонскиот стандарден јазик, што е и нивна должност.
No comments:
Post a Comment