August 25, 2026

Каква заштита му треба на македонскиот јазик? (2)

 На македонскиот јазик не му треба заштита СО Законот за употреба на македонскиот јазик, него заштита ОД истиот тој Закон.

Според Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 г., Член 1, став (2), „Употребата на македонскиот јазик, во смисла на овој закон ги опфаќа неговата заштита, унапредување и збогатување.“
Според предложениот нов закон, Член 2, став (2), „Употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, во смисла на овој закон, ги опфаќа неговата примена, заштита, унапредување и збогатување.“ За разлика од претходниот закон овде е додаден зборот „примена“.
Во овој закон спорни се поимите „примена“ и „заштита“. Во толковниот речник, значењето на зборот „примена“ е објаснето вака “Употреба, искористување, спроведување во пракса, на дело.“ Значи, целта на овој закон е да се забранат неправилната употреба, неправилното искористување и неправилното спроведување во пракса и на дело на македонскиот јазик. Една од дефинициите на зборот „заштита“ во толковниот речник е „Засолнување од опасност“. Во смисла на овој закон треба да значи дека целта на законот е да го засолни македонскиот јазик од некаква опасност при негова неправилна употреба.
Во Член 4 од овој закон има 19 објаснувања за активности што опфаќаат примена, заштита, унапредување и збогатување на македонскиот јазик. Пет од нив се однесуваат на правилна употреба.
Додека во Член 3 став (2) не се ограничува употребата на „разговорен јазик“, во Член 4 (1) 2. и 7. правилен изговор и правилна употреба во усната комуникација се опфатени во примената на македонскиот јазик. Овде не е јасно зошто државата предвидува казнени мерки само за неправилната употреба на писмената форма на јазикот, а не и за говорната. Лингвистиката не разликува меѓу двете форми на изразување на јазикот, правилата се исти и за писмената и за говорната форма.
Кој е изворот за оправдувањето за овој закон?
„Закон за заштита на културното наследство, Оддел 6, ЗАШТИТА НА НЕМАТЕРИЈАЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, Записи, негување и употреба.
Член 101, (1) Заштитата на нематеријалното културно наследство во смисла на овој закон, покрај правењето и чувањето записи за него, опфаќа и негување и правилна употреба.
(4) Управата може со решение: 1. Да определи посебни мерки за негување и правилна употреба на заштитено нематеријално добро“
Значи, со овој закон употребата на македонскиот јазик е регулирана од државата, а државата има право и должност да употреби посебни казнени мерки за неправилна употреба на македонскиот јазик, во иста смисла како што има должност да употреби казнени мерки за неправилна употреба на материјалното наследство.
Со овој закон државата фактички си го „присвојува“ македонскиот јазик, во иста смисла како со недвижното и движното материјалното наследство, и така може да управува со него, како со материјалното наследство, да дозволува или не дозволува негова употреба и да казнува за неправилна употреба на јазикот. На подносителите на овој јазик изгледа не им е јасно дека јазикот, било кој јазик, не е сопственост на државата да го регулира како што ѝ одговара. Јазикот е сопственост на говорителите на тој јазик. Улогата на лингвистиката, и на сите тие установи дефинирани во овој закон за регулирање на употребата на македонскиот јазик не е да поставуваат правила за употребата на јазикот, туку да ги кодифицираат правилата како што ги користат говорителите на јазикот и да ги менуваат тие правила како што се менуваат во говорниот јазик.
Сега би сакал да прашам, какво мислење би имале браќата Кирил и Методи и Блаже Конески за овој закон? Како браќата Кирил и Методиј би реагирале кога нивните наследници одлучиле да се откажат од глаголицата и да ја заменат со сосема нова азбука? Дали тие, првите кодификатори на старословенскиот јазик, би инсистирале со закон тој говор да биде во употреба насекаде кај словенските народи „до веки веков“? Не можам да кажам како Блаже Конески би реагирал, една година бев негов студент, али лично не го познавав. Али не верувам дека би се сложил со законско регулирање на употребата на македонскиот јазик.

No comments:

Post a Comment

За пренесувањето на Самоиловата плоча во Битола

  Во еден пост од January 12, 2020 во групата „Мојата Преспа...“, господинот Metodija Jonovski пишува за царските гробници на островот Ахил...