Денес сакам да се осврнам на напис од Весна Дамчевска со назив „Прашај го Конески!“ во денешниот весник Нова Македонија. За време на нејзиниот престој во Кина таа видела презентирана некоја интерактивна иновација за вештачка интелигенција со интригантен назив „Прашај го Конфуциј“.
Дамчевска се фокусира на еден проблем со вештачката интелигенција, дека „огромно цивилизациско знаење ќе остане заробено во објавените книги и академските статии затоа што вештачката интелигенција не знае за нив или затоа што никој повеќе нема да чита“. За жал, ова е вистина за ситуацијата во Македонија. Вештачката интелигенција не знае за тие книги во Македонија бидејќи оваа држава е една од ретките што нема стратегија за внесување на книги, статии и сѐ друго на интернет за сѐ да биде достапно секому каде било во светот.
Неодамна правев истражување за историјата на Преспа. Најдов информации за посетата на кралот Александар во Преспа, на која дата дошол и со кого се сретнал - сѐ благодарение на Српскиот интернет архив „Истражива“, каде што се дигитализирани весници и списанија дури и од 19 век. Во Македонија нема ништо слично.
Ова исто ме потсетува и на проектот на ИМЈ за дигитализирање на картотеките. Замислете, потрошени десетици илјади евра, стотици илјадници картички дигитализирани, складирани во скапи водоотпорни куфери, складирани во некој подрум за никогаш да не видат бел ден. Ете затоа вештачката интелигенција не знае за нив, и затоа знаењето за нив ќе биде заробено во тие куфери засекогаш. За жал, на вештачката интелигенција ѝ недостига огромно мнозинство на човечкото знаење што во моментов постои во книгите и академските статии од Македонија. И зошто мора да биде така?
Дамчевска се прашува зошто едноставно не ги отвориме кориците на најважните дела на Конфуциј и самите, низ неговите зборови, не ја откриеме големата мудрост на кинескиот филозоф? Кога јас ги имам сите негови дела на мојот таблет кои ми се достапни во секое време, што повеќе јас ќе научам за неговата филозофија ако јас треба од Подмочани да се упатам да одам во Скопје во НУБСК за едноставно да ги отворам кориците на некое негово дело? Со вештачката интелигенција јас не само што можам да ги читам тие дела, туку можам и да „разговарам“ со него и со сите тие што имаат пишувано за него и да му задавам прашања.
Јас имам направено една слична апликација за поезијата на Ацо Шопов. Ги имам собрано сите негови песни. Со оваа виртуелна алатка со вештачка интелигенција можете да поставувате прашања на македонски или на англиски јазик за целокупното поетско дело на Ацо Шопов. Можете да слушате разговор на англиски или на македонски меѓу двајца водители кои ги анализираат неговите дела. Исто вие можете да се вклучите во нивниот разговор со глас и да им доставувате прашања. Сето ова е возможно само благодарение на сите тие што ги поставиле неговите дела на интернет и на вештачката интелигенција.
Во нејзината статија Дамчевска ја цитира професорката Весна Мојсова-Чепишевска, која вели „на вештачката интелигенција треба да се гледа како на алатка, а не и како на замена на авторот, творецот, писателот, кој има свој глас, единствен и автентичен.“ Овде гледам конфузија, не е спорно дека вештачката интелигенција е само алатка, но не претендира да го „замени“ авторот. Не знам во која смисла професорката Весна Мојсова-Чепишевска мисли дека тоа би било можно. Но друго многу важно прашање е дали во моментов, или во иднина вештачката интелигенција ќе може да ја замени професорката Весна Мојсова-Чепишевска како истражувач и специјалист на делата на Конески? Ако сите негови дела и сѐ што е истражувано и пишувано за него ѝ се достапни на вештачката интелигенција, и кога јас имам можност со вештачка интелигенција да разговарам со Конески и со секој друг што има сѐ пишувано за него, нели тоа е предност?
Баш вчера јас изработив една нова апликација со вештачка интелигенција за анализа на песни, и како пример ја ставив песната „Тешкото“ од Конески. Вештачката интелигенција пребара сѐ што има на интернет поврзано со Конески и со оваа песна, и ми достави одговор од околу две страници, поделен на овие делови: Тема и значење, Тон и расположение, Литературни средства, Структура и форма, Јазик и стил, Звук и ритам, Емоционална и културна длабочина, Интерпретација. Истото може да се направи за која било песна од кој било автор. Називот на написот на Весна Дамчевска е „Прашај го Конески!“ Еве како јас го прашувам и разговарам со Конески. И сега нека проба некој да ме убеди дека пристапот кон книжевноста со вештачката интелигенција е непродуктивен и залуден, и дека ако сакам да ги разберам Конески и Шопов најдобро е да ги отворам кориците на нивните дела.
https://novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/prashaj-go-koneski/
No comments:
Post a Comment