Голем џумбуз, голема галама со прославувањето и чествувањето на денот на македонскиот јазик.
Како човек образован во САД, порастен во Преспанското село Подмочани, и како полуписмен говорител на стандардниот македонски јазик, сето ова ми звучи многу, многу чудно, интересно и неразбирливо. Денес скоро пола ден ги читам во медиумите вчерашните настани и прославите поврзани со овој ден. Прво што ме изненади се политичките напади за тоа која партија придонесла повеќе за грижата за македонскиот јазик, и која ништо не придонесла. Голема прослава во МАНУ под покровителство на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во присуство на огромен број политичари, академици и од верските заедници. Министерката за образование и наука Весна Јаневска во своето обраќање на настанот, порача дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и „симбол на индивидуалноста и уникатноста“. Можеби ова важи само за македонскиот јазик, бидејќи никој друг јазик никаде во светот не е ништо друго него само средство за комуникација. На пример, ниту англискиот, ниту шпанскиот јазик не се симбол на никаква индивидуалност и уникатност на говорителот. Секој човек во светот си комуницира на било кој јазик на кој е компетентен да комуницира. Било да е тој стандарден јазик во државата, или на некој локален дијалект, како што ние во Преспа би рекле „по наше“. Министерката Јаневска вели, „За Македонецот, македонскиот јазик се првите звуци и вибрации кои ги прима уште во утробата на мајката. Јазикот го чувствуваме во срцето и телото целиот свој живот.... Да го чуваме македонскиот јазик, затоа што тој е наш архетип, тој е наш идентитет и преку него постоиме. Да го чуваме, за да постоиме и за да не има“ Какви убави романтични поетски изрази што немаат никаква врска со лингвистичката характеристика на македонскиот јазик! Македонскиот јазик е заштитен со закон, како нематеријално културно наследство. Македонскиот јазик е единствениот јазик во светот што е заштитен со ваков закон. Тоа значи, секое парче јавно објавен текст на хартија, секој објавен текст во електронска форма во целата држава од секоја јавна институција мора да биде лекториран со потпис од лекторот. Во против следуваат драконски парични казни дури од неколку илјади евра. Никаде во светот, во никоја држава не постои сличен закон. Според законот за културно наследство, македонскиот јазик како дел од нематеријалното културно наследство е во иста категорија заедно со свадбените обичаи. Замислете сега, да му текни на некој министер за кутура да спроведи некој закон каде свадбените обичаи во Македонија треба да бидат заштитени со закон бидејќи тие се дел од нашето нематеријално културно наследсто, и за секоја свадба да се бара дозвола од инспектор од Институтот за фолклор да проверува дали се почитуваат обичаите од оваа традиција! Апсурдно, нели? Она што најмногу мене лично ме иритира е потчинувањето на јазикот што го зборуваат говорителите во секојдневната комуникација еден со друг, во лингвистиката наречени дијалекти, под македонскиот стандарден литературен јазик. Ајде сега некој од лингвистите од Институтот за македонски јазик нека ми објасни како јас од Подмочани би можел да му опцујам некому со убави мрсни зборови на македонски стандарден литературен јазик кога ќе ме навреди за нешто. Да се навратам на изјавата на министерката Јаневска, првите звуци што јас ги примив уште во утробата на мојата покојна мајка не се од македонскиот стандарден литературен јазик, него од Дрменскиот и од Подмочанскиот Преспански дијалект. Македонскиот литературен јазик и неговата азбука биле кодифицирани само пред 80 години. Се прашувам, а кога бил кодифициран мојот Преспански дијалект? Сигурно многу столетија претходно!
No comments:
Post a Comment