Денес владата најави уште еден нов Предлог-закон за употреба на македонскиот јазик. Според најавите, Законот предвидува вработување на таканаречена јазична полиција низ целата држава. „Македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Коректната употреба на македонскиот јазик е должност на граѓаните на Републиката“, се пропишува во Законот.
Министерството за култура со Советот за македонски јазик, пристапија кон изготвување нов закон за употреба на македонскиот јазик имајќи предвид дека сè повеќе се забележува непочитувањето на законските мерки и негрижата за македонскиот јазик на различни нивоа од општествениот живот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик нуди многубројни решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.
После повеќе од седумдесет години од кодификацијата на македонскиот јазик граѓаните на Македонија сеуште комуницираат на својот локален дијалект. Беше објаснето дека задолжително ќе се проверува кај секој граѓанин на Република Северна Македонија дали коректно го употребува македонскиот јазик.
Во однос на казнената политика, министерката за култура објасни дека за вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање јазична полиција за употребата на македонскиот стандарден јазик.
„Јазичната полиција ќе биде насочена кон вршење на инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик, со што верувам дека ќе се зголеми правилната употреба на македонскиот јазик и тоа насекаде и во сите области и сфери во кои тој се употребува. Прекршочните одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоците. Во овој предлог на закон се пропишуваат и глобите“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Се предвидува на сите факултети за безбедност во државата да се воведи нов смер „Јазична полиција“, каде кандидатите ќе бидат обучувани како да препознаваат прекршоци во употребата на македонскиот литературен јазик и како да спроведуваат казнени постапки. Казнените постапки ќе бидат во форма на јавно камшикување. За оваа цел Министерството за култура планира да вработи врвни професори полицајци од одредот на „Моралната полиција“ во Иран и Авганистан за да ги обучуваат македонските кандидати како да го спроведуваат камшикувањето. Јазичните полицајци ќе бидат распределени насекаде и во сите области и сфери во државата, нарочито таму каде се прават најсериозните јазични прекршоци, на пазарите, во кафулињата и пред селските задруги и кооперации. Глобите ќе зависат од тоа каков јазичен прекршок има направено говорителот. Например, за грешна употреба на глаголската форма -ет од некој Охриѓанец следува само еден камшик. За неточна локација на акцентот од некој од источните предели на Македонија следуваат пет камшици. А за употреба на србизми меѓу говорителите во Скопје следуваат петнаесет камшици, итн.
Членовите на Комисијата за култура се согласија дека станува збор за квалитетен Предлог-закон, и посочија дека предлог текстот сепак има простор за подобрување, нарочито што се однесува до глобите. Членовите на комисијата предлагаат глобите да се зголемат трикратно. Се надеваме дека со овој нов закон за следните 175 години сите граѓани на Македонија ќе се ослободат од нивните архаични дијалекти и правилно ќе го употребуваат македонскиот литературен јазик, што е и нивна должност.
No comments:
Post a Comment