Боже мој! Не знам на кој друг начин би можел да реагирам на овие изјави. За Законот за употреба на македонскиот јазик имам реагирано и пишувано неколку пати, но секогаш кога ќе читам изјави за неговата имплементација просто не можам да се воздржам да не реагирам. Во врска со сите изјави од Министерството за култура, мене ме чудат две работи. Зошто ниту еден новинар НИКОГАШ не се осмелил да постави некое прашање за овој закон. Дали навистина е потребен, зошто во ниту една друга држава нема сличен закон со слични наредби, рестрикции и парични казни, дури и дали можеби законот е противуставен и против одредбите од Европската комисија за човекови права. И второ, што е многу значајно и жално, зошто има тотален молк од лингвистите што се ЗА или ПРОТИВ овој закон. Второто ми е јасно - не верувам дека кој било лингвист, професор, истражувач итн., би се осмелил да изусти што било, што е против изјава или наредба од неговиот работодавач - Министерството за култура или Министерството за образование. Самиот концепт дека извршната власт си дава себеси законско право да ја контролира употребата на кој било јазик и да казнува за негова неправилна употреба е таков апсурд, што не ни вреди да се дискутира. Се прашувам, зошто на никого од извршната власт и на ниту еден лингвист не им е познато дека не постои сличен закон за ниту еден јазик во која било друга држава. Во неколку држави, како што е Словачка, има закони за употреба на стандардниот јазик, но во ниту една друга држава нема закони што казнуваат за неправилна употреба на јазикот со лексички, граматички или синтаксички грешки, како што е македонскиот закон. Читаме дека во тек е постапката за вработување на инспекторите за македонски јазик. Инспекторатот не е ништо друго освен еден вид јазична милиција овластена да казнува за граматички грешки во употреба на македонскиот јазик во јавна комуникација. Од почеток ќе се вработувале петмина инспектори, кои ќе бидат вработени како инспектори по македонски јазик. Тие ќе мора да посетуваат обука една година. По завршувањето на обуката ќе можат да полагаат за инспектор, односно да се здобијат со лиценца „инспектор по македонски јазик“. Добро бре луѓе, ве молам, дали само мене ова ми звучи апсурдно? Еве, да речеме, избрани се тие пет кандидати што ќе бидат задолжени за инспекција низ целата држава за правилна употреба на македонскиот јазик. Ќе требало да посетуваат обука ЕДНА ГОДИНА! ЕДНА ГОДИНА! ЕДНА ГОДИНА! Во што ќе се состои оваа обука? Зошто е потребна обука од една година за некој, кој било, да проверува дали има правилна употреба на македонскиот стандарден јазик? И кој ќе ги обучува овие петмина цела година, и какви квалификации треба да имаат обучувачите за да ги обучат овие петмина? Или можеби и обучувачите ќе треба да посетуваат обука ЕДНА ГОДИНА за да обучат како да ги обучуваат петмината инспектори. И друго. Зошто на господата уште не им е јасно дека со моделите на вештачката интелигенција како Claude може многу лесно да се изгради лектор за македонски јазик кој може да ги надмине способностите за лекторирање од човек-лектор? Како што денес MS Word со македонска поддршка поправа печатни грешки, истиот ќе поправа граматички и синтаксички грешки. Тоа веќе го има за англискиот и за многу други јазици. Што ова значи? Ова значи дека веќе нема потреба од вработување стотици, ако не и илјадници лектори низ целата држава, нема потреба од инспекторати, вработување и тренирање на инспектори, обучувачи и што уште не.
https://sdk.mk/index.php/kultura/teche-protsedurata-za-vrabotuvane-na-inspektorite-za-makedonski-jazik-pa-ke-sledi-ednogodishna-obuka-reche-direktorkata-andreeva/
No comments:
Post a Comment