June 14, 2022

За посетата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Брисел

Денес читам министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска била на посета во Брисел, и вели дека потребен ни бил македонски културно-информативен центар во срцето на Европа. Центарот таму би ја промовирал македонската култура и традиција. Вели, „На овој начин би ги презентирале македонските вредности токму во градот во кој има бројни меѓународни организации и претставништва, дипломатски мисии, град кој ја симболизира обединета Европа“. 

Таму министерката се сретнала со ред видни личности од политиката и културата на Белгија: со генералната директорка за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија, со директорката за меѓународни односи на Палатата за убави уметности, и со  директорката за филм, каде разговарале за разни соработки. Си велам, можеби е во право, кој би бил против сето ова. Али јас по характер секогаш сум бил скептик кога се во прашање секакви изјави од политички личности. 

Прво, во врска со нејзината посета во Брисел. Не дека има некоја штета од тоа, али сепак, министерката била таму на дводневна посета, и сето тоа кошта пари. Не би можел да проценам колку тоа би коштало за дводневна посета во некоја Европска престолнина. Сигурно таму не била сама, сигурно имала и придружба. Значи, зборуваме за некоја сума од над 1.000 евра. Е, сега, кога некој ќе ми рече дека министерството за култура немало пари за две канти поликолор да се исфарба споменикот во Отешево, или 100 евра за да се санира споменикот на Лазар Личеновски во Крушје, а вакви недостатоци има низ цела држава, тогаш како некој би можел да ја оправда нејзината посета во Брисел за состанок и разговор со некои личности таму? 

Второ, во врска со нејзината идеа за македонски културно-информативен центар во Брисел. Не треба многу да фантазираме дека ако се отвори таков центар во Брисел, таму редици луѓе ќе чекаат на врата да влезат во тој центар да се запознаат со македонската култура. Тоа е само заблуда. 

Друго, дали тие во министерството за култура имаат промислено каков финансиски терет таков центар би бил за министерството? Месечно ќе треба да се плаќа кирија, сигурно колку за некој трособен стан во Брисел. Ќе треба да се вработи директор, сигурно и секретар/ка. Вработените би земале плата по европски стандарди. Да не заборавиме дека вработените ќе бидат вработени политички. И ред други месечни и годишни трошоци. 

А во Брисел веќе имаме амбасада. Нели една од нејзините должности е промовирање на македонската култура и традиција? Истото тоа го прават странските амбасади во Македонија. Нели би било финансиски подобро истите тие трошоци за македонски центар во Брисел да се искористат за промоција на културата овде во државата, за финансирање на разновидни културни проекти, од кои сите ние ќе имаме корист? 

Јас лично работам на еден истражувачки проект од културата. Ми требаше информација од Министерството за култура, не барав никакви финансиски средства. Им се обратив два пати на нивниот контакт од нивната веб страна, и еднаш лично до министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, и после три недели уште немам добиено одговор од нив. Ако тие не можат да обслужат некој од државата со обична информација, што гајле мене ми е дека некој Белгијанец ќе можел да влези во некој си македонски културен центар во Брисел да добие информации за македонската култура?

===========

https://nezavisen.mk/kostadinovska-stojchevska-od-brisel-potreben-ni-e-makedonski-kulturno-informativen-centar-vo-srceto-na-evropa/

No comments:

Post a Comment

Закон за употреба на македонскиот јазик

Идејата за заштита на македонскиот јазик со закон од негова неправилна употреба е глупава и главно неостварлива. Идејата дека државата ќе ко...