August 24, 2026

Буки, алатка за препознавање и транскрипција на говор на македонски јазик

Деновиве во скоро секој медиум во државата имаше изјава за тоа како македонски научници развиле алатка базирана на вештачка интелигенција за препознавање и транскрипција на говор на македонски јазик.

Презентацијата на алатката беше промовирана на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) во присуство на Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, која го оквалификува создавањето на платформата како „патриотски придонес“ на Универзитетот и на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс). Министерот за дигитална трансформација, м-р Стефан Андоновски, упати пофални зборови до организациската структура на проектот за целокупниот труд што е вложен за да се создаде оваа платформа.

На прв поглед сето ова изгледа нешто со што треба сите да се гордееме. Али се прашувам, како никому не му текнало на присутните и на тие што ја изработиле оваа алатка да проверат на интернет дали веќе постои нешто слично со поддршка за македонски јазик? Да, на интернет има десетици вакви алатки за препознавање на македонски говор. Јас лично употребувам две такви алатка од Turboscribe и Transkriptor. Google има "Advanced transcription, powered by Google’s AI" со поддршка за македонски јазик. Amazon Transcibe исто така има поддршка за македонски јазик.

Иновацијата не е во „развивање“ на ваква алатка од некои „научници“, бидејќи се што е потребно за ваква алатка за препознавање на говор на македонски јазик е веќе развиено и е бесплатно, само треба да се инсталира на некој сервер и да биде достапна за корисници. Скоро сите вакви алатки се базирани на Whisper AI. За инсталирање на Whisper на домашен систем потребни се Python 3.8–3.11, Windows 10, 11, Git, Conda, Pytorch, GPU support requires a CUDA®-enabled card, 4GB+ VRAM. Ова може да го направи секој со само малку разбирање за инсталирање програми на оперативниот систем Windows 10, 11.

Според мое лично мислење, овие „научници“ и „експерти“ за вештачка интелигенција, Дејан Порјазовски од Универзитетот „Аалто“ во Финска, проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал, во соработка со проф. д-р Ордан Чукалиев, многу убаво и лесно успеале да ги изманипулираат нашите наивни професори и министри дека демек креирале нешто сосема ново што не постои никаде во светот. Друго што е чудно, платформата не е ни вистински лансирана за практична употреба, тоа ќе се прави допрва со македонски интерфејс. Ова е исто како да се фрли камен темелник за нешто што треба допрва да се гради. Многу галама за ништо! Голем „патриотски придонес“. И сите медиуми ја прифатиле изјавата како таква без потреба од нивно истражување за вистинитоста на изјавата. Алал да и ме!

https://ukim.edu.mk/ukim-ja-lansirashe-novata-digitalna-platforma-bazirana-na-veshtachka-inteligencija-buki/

Што е култура?

 Културите се еден вид ментална инфекција или паразит, со луѓето како негов несвесен домаќин.

Органските паразити, како што се вирусите, живеат во телото на нивните домаќини. Тие се множат и се шират од еден домаќин на друг, слабеејќи ги, а понекогаш дури и убивајќи ги. Сè додека домаќините живеат доволно долго за да го пренесат паразитот, тој малку се грижи за состојбата на неговиот домаќин.

Токму на овој начин, културните идеи живеат во главите на луѓето. Тие се множат и се шират од еден домаќин на друг, повремено слабеејќи ги домаќините, а понекогаш дури и убивајќи ги. Културната идеја може да го натера човекот да го посвети својот живот на ширење на таа идеја, дури и по цена на смрт. Човекот умира, но идејата се шири.

Според овој пристап, културите не се заговори измислени од некои луѓе со цел да ги искористат другите. Напротив, културите се ментални паразити кои се појавуваат случајно, а потоа ги искористуваат сите луѓе заразени од нив. Овој пристап понекогаш се нарекува меметика. Исто како што органската еволуција се заснова на репликација на органски информациони единици наречени „гени“, така и културната еволуција се заснова на репликација на културни информативни единици наречени „меми“.

Успешните култури се оние кои се одлични во репродукцијата на нивните меми, без оглед на трошоците и придобивките за нивните човечки домаќини.

Вим Хоф, холандски мотивациски говорник

 Мојот пост во „Мојата Преспа...“ за интервјуто со Бети Котовчевска на „Преспа колинг“ бил избришан без објаснување. Пробав на многу културен и научен начин да го дадам моето мислење за методот Вим Хоф. Немав апсолутно никаква намера да ја навредам Бети. Ако ја навредив, искрено се извинувам. Како и секој друг, Бети е слободна да си верува во што сака. За тие што ги интересира оваа тема постот го објавувам тука.

Интервјуто на Бети Котовчевска во поткастот „Преспа колинг“ го гледав со голем интерес, бидејќи имам читано и видено подвизи на Бети на мраз. Речиси целосното интервјуто на Бети беше фокусирано на методот Вим Хоф, кој таа го следи и промовира. Се вознемирив кога таа почна да зборува за тоа како овој метод е навистина лек за сè, вклучително и рак и сите заразни болести. Згора на се, таа го цитира Вим Хоф, кој вели дека медицинското поле не сака да го прифати неговиот метод заради едноставниот факт што ако го стори тоа, тогаш сите медицински учебници ќе треба да бидат уништени. Ова секако подразбира повеќе нема потреба од лекари, нема повеќе потреба од болници. Си заболел, само скокни во мраз и ќе се излечиш. Луѓето веруваат во секакви работи, и јас сум сигурен дека Бети е целосно уверена во лековитите квалитети на методот што го следи. Сепак, најмногу ме вознемирува кога се промовираат такви методи за другите да ги следат, особено кај оние од помладата генерација, кои се многу впечатливи од говорот на големите инспиративни говорници како што се Вим Хоф и Бети, кои користат изрази како „научно е докажано дека...“, итн. Во интервјуто Бети вели дека сака да организира работилница во Ресен за оние кои се заинтересирани да го следат овој метод. Пред некој да се пријави на оваа работилница, ве повикувам вас и родителите на младите деца да прочитате непристрасен преглед на овој метод од научната заедница и да дознаете повеќе за овој човек Вим Хоф. Имајте на ум дека Вим Хоф е инспиративен говорник, неговата главна цел е да заработи пари, а не да ве излечи од некоја неизлечива болест. Еве неколку факти за Вим Хоф и неговиот метод што може да се најдат на интернет. Се надевам дека ќе ви помогнат да одлучите дали треба да им верувате на науката и медицината или на некој шарлатан кој тотално не ги почитува. Вим Хоф е екстремен спортист, способен да издржи екстремни ниски температури. Тоа е факт и тоа е во ред, но овој подвиг не значи дека ова е метод за лекување на сите видови болести.
Па, кој е Вим Хоф?
Тој е холандски мотивациски говорник и екстремен спортист, познат по неговата способност да издржи ниски температури. Хоф ПРОДАВА режим наречен Wim Hof ​​Method (WHM), кој вклучува изложеност на ладна вода и техники на дишење. Воутер ван Маркен Лихтенбелт, научник кој го проучувал Хоф, рече: „Научниот речник на [Хоф] е бесмислица. Со убедување, тој меша на несмислен начин научни термини како непобитен доказ“.
Што се однесува до изложеноста на студ, Американското здружение за срце и Британската фондација за срце издадоа предупредувања за ладна терапија. Заклучно со март 2024 година, има 32 извештаи за луѓе кои умираат наводно поради методот Вим Хоф. Според еден експерт, потопувањето во ладна вода може да предизвика срцева аритмија кај 1 до 3 проценти од младите здрави субјекти, но до 63 проценти ќе страдаат од аритмија кога ќе се побара да го задржат здивот пред да се нурнат. „Тоа е неверојатен начин за репродукција на срцеви аритмии кај инаку фит и здрави поединци“, рече тој. Некои експерти велат дека практикувањето на методот на Вим Хоф е „Коцкање со својот живот“.
Четворица практичари се удавија во 2015 и 2016 година, а роднините се сомневаа дека се виновни вежбите за дишење. Во 2021 година, маж од Сингапур се удави во базен при обидот на методот. Едно лице почина по сесија на терапија со ладна вода во Англија во 2022 година. 17-годишната Медлин Роуз Мецгер почина откако го изведе методот Вим Хоф во нејзиниот базен во Лонг Бич, Калифорнија.
Првата сопруга на Хоф, Маривел-Марија, починала со самоубиство во 1995 година скокајќи од осумкатница. Во 2012 година Хоф беше прогласен за виновен за семејно насилство врз осумнаесетгодишниот син на неговата тогашна девојка Керолин.

За прославувањето и чествувањето на денот на македонскиот јазик

 Голем џумбуз, голема галама со прославувањето и чествувањето на денот на македонскиот јазик.

Како човек образован во САД, порастен во Преспанското село Подмочани, и како полуписмен говорител на стандардниот македонски јазик, сето ова ми звучи многу, многу чудно, интересно и неразбирливо. Денес скоро пола ден ги читам во медиумите вчерашните настани и прославите поврзани со овој ден. Прво што ме изненади се политичките напади за тоа која партија придонесла повеќе за грижата за македонскиот јазик, и која ништо не придонесла. Голема прослава во МАНУ под покровителство на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во присуство на огромен број политичари, академици и од верските заедници. Министерката за образование и наука Весна Јаневска во своето обраќање на настанот, порача дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и „симбол на индивидуалноста и уникатноста“. Можеби ова важи само за македонскиот јазик, бидејќи никој друг јазик никаде во светот не е ништо друго него само средство за комуникација. На пример, ниту англискиот, ниту шпанскиот јазик не се симбол на никаква индивидуалност и уникатност на говорителот. Секој човек во светот си комуницира на било кој јазик на кој е компетентен да комуницира. Било да е тој стандарден јазик во државата, или на некој локален дијалект, како што ние во Преспа би рекле „по наше“. Министерката Јаневска вели, „За Македонецот, македонскиот јазик се првите звуци и вибрации кои ги прима уште во утробата на мајката. Јазикот го чувствуваме во срцето и телото целиот свој живот.... Да го чуваме македонскиот јазик, затоа што тој е наш архетип, тој е наш идентитет и преку него постоиме. Да го чуваме, за да постоиме и за да не има“ Какви убави романтични поетски изрази што немаат никаква врска со лингвистичката характеристика на македонскиот јазик! Македонскиот јазик е заштитен со закон, како нематеријално културно наследство. Македонскиот јазик е единствениот јазик во светот што е заштитен со ваков закон. Тоа значи, секое парче јавно објавен текст на хартија, секој објавен текст во електронска форма во целата држава од секоја јавна институција мора да биде лекториран со потпис од лекторот. Во против следуваат драконски парични казни дури од неколку илјади евра. Никаде во светот, во никоја држава не постои сличен закон. Според законот за културно наследство, македонскиот јазик како дел од нематеријалното културно наследство е во иста категорија заедно со свадбените обичаи. Замислете сега, да му текни на некој министер за кутура да спроведи некој закон каде свадбените обичаи во Македонија треба да бидат заштитени со закон бидејќи тие се дел од нашето нематеријално културно наследсто, и за секоја свадба да се бара дозвола од инспектор од Институтот за фолклор да проверува дали се почитуваат обичаите од оваа традиција! Апсурдно, нели? Она што најмногу мене лично ме иритира е потчинувањето на јазикот што го зборуваат говорителите во секојдневната комуникација еден со друг, во лингвистиката наречени дијалекти, под македонскиот стандарден литературен јазик. Ајде сега некој од лингвистите од Институтот за македонски јазик нека ми објасни како јас од Подмочани би можел да му опцујам некому со убави мрсни зборови на македонски стандарден литературен јазик кога ќе ме навреди за нешто. Да се навратам на изјавата на министерката Јаневска, првите звуци што јас ги примив уште во утробата на мојата покојна мајка не се од македонскиот стандарден литературен јазик, него од Дрменскиот и од Подмочанскиот Преспански дијалект. Македонскиот литературен јазик и неговата азбука биле кодифицирани само пред 80 години. Се прашувам, а кога бил кодифициран мојот Преспански дијалект? Сигурно многу столетија претходно!

Што е етникум и замислена заедница?

 Дали Торбешите се посебен етникум, или само специфична културно-религиска заедница во рамките на македонската нација? Дали државата треба уставно да го легализира етникумот Торбеши? Констатацијата на Академикот Ќулавкова е дека Торбешите не се посебен етникум, него се само дел од македонскиот народ, македонската нација, само со исламска вероисповед. Ќулавкова го оправдува нејзиното мислење со нејзина измислена тероја за значењето на терминот „етникум“. Моите коментари ќе ги поткрепам со концептот на „замислени заедници“, развиени од Бенедикт Андерсон во неговата книга „Замислени заедници: Размислувања за потеклото и ширењето на национализмот“. Се однесува на идејата дека нацијата е општествено конструирана заедница, замислена од луѓе кои се перцепираат себеси како дел од уникатна споделена група. Андерсон тврди дека нациите, како што е и македонската нација, се „замислени“ затоа што тие споделуваат ментална слика за нивната заедница и колективен идентитет. Просто речено, ако група на луѓе се замислуваат себеси како посебен народ, или посебна нација тие се посебен етникум, и толку. За такво чувство не им треба оправдување пред историчари, академици или власти. Али според Ќулавкова, треба да има одредени критериуми за постоење на некој посебен етникум, како например посебен јазик, обичаи, историски континуитет, итн. Според Ќулавкова Торбешите не ги поседуваат овие критериуми за да бидат дефинирани како посебен етникум, бидејќи единствената ралика меѓу Торбешите и Македонците е во тоа што Торбешите се со исламска вероисповед. Додека Торбешите велат дека има и други разлики, како например во нивниот јазик, обичаи и историски континуитет, и што е најважно, тие се чувствуваат како посебен етникум. Што се однесува до јазикот, Ќулавкова вели дека единствената разлика е само во голем број изрази поврзани со исламската религиска прагматика, но тоа не било доволно за да се диференцира јазикот на Торбешите како различен од македонскиот јазик. Јас не сум лингвист за да можам да различам кога некоја форма на некој стандарден јазик се разликува од него за да се дефинира како посебен јазик. Само знам дека пред не многу години во Црна Гора се зборуваше на српски јазик и тој јазик беше стандарден јазик во државата. А сега таму се зборува на црногорски јазик. Мојот преспански јазик многу се раликува од стандардниот македонски јазик и од јазикот во многу делови во Македонија, тоа може, али не мора да биде диференцијазија на Преспани како посебен етникум. Значи, јазикот на една група луѓе на кој тие зборуваат не мора да биде критериум за диференцијација на нивниот етникум. Исто така, овде можеме да направиме споредба со констатацијата на Бугарија, дека не е можно Македонците да бидат посебен етникум, бидејќи македонскиот јазик бил само некој дијалект на бугарскиот. Ќулавкова исто ја оспорува тезата за автохтоноста и посебноста на Торбешите во континуитет од десетина века, од 10 век до денес. Што се однесува до нивниот етникум, тоа е нивно лично мислење и чувство и не мора да има никаква историска поткрепа, како што нема никаква историска поткрепа за мислењето и чувството на многу Македонци денес дека автохтоноста и посебноста на денешните Македонци е во континуитет од времето на Александар Македонски. Да речеме, дошол некој Африканец од Нигерија во Македонија, тука живеел 50 години, зборува на чист стандарден македонски јазик, некој го прашал, што си ти по националност? Тој одговара - Македонец. Што има тука спорно, така човекот се чувствува. За Ќулавкова ова не би било доволно. Човекот треба да каже точно од кое племе од Нигерија тој потекнува, бидејќи таму има стотици племиња, и дали неговото племе е уставно легализирано како етникум во неговата држава. Она што е најмногу опасно од тезите на Ќулавкова е тоа дека постоењето на некој етникум мора да биде историски и научно оправдано без разлика на чувството на членовите на тој етникум, дека барањето уставно да се легализира етникумот Торбеши може да доведе до негативни последици, дека тоа ќе доведе до дезинтеграција на македонскиот национален ентитет, дека ќе доведе до сецесија на македонската нација врз етнички начела, тие се дел од македонската општествена, културна и религиска реалност и затоа треба да се признаат само како специфична културно-религиска заедница во рамките на македонската нација, а не како посебен етникум. Ова многу ми наликува на односот на Бугарија према македонскиот идентитет и македонскиот јазик, во Македонија нема Македонци, само македонски Бугари, македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот, и тоа е доволно да нема потреба да се признава меѓународно ниту македонската нација, ниту македонскиот јазик. Колку што ова мислење на Бугарија е навредливо за нас Македонците, толку треба мислењето на Ќилавкова, нарочито како академик, треба да биде навредливо за Торбешите.

https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/povelbata-za-identitetot-na-makedonskite-torbeshi-vo-kontekst-na-multireligiskiot-i-multietnichkiot-koncept-na-drzhavata/

За стипендии

 Овде би сакал да се осврнам на колумната на професорот Венко Андоновски во весникот „Нова Македонија“.

Во оваа колумна професорот го фокусира проблемот во денешниот образовен систем во немањето „државни стипендии“, како што имало во негово време кога тој бил студент. Професорот се залагал да се доделуваат добри стипендии во ранг на просечна плата, и гаранција за неговиот корисник да има загарантирано работно место, али неговите предлози биле доживеани како екстравагантни. Професорот, кој веќе живеел во тој свет во кој тоа било реалност, сега тој бара да се врати тој истиот свет. Тој вели, „Како е можно, ако во тој вчерашен свет достоинствената стипендија била реална работа колку што бил и реален поимот „коњ“ (постоел коњ), сега, одеднаш, само еден ден подоцна, во новиот свет таа да стане имагинарна?“ Тој исто вели дека бесперспективноста на младите луѓе во добар дел се должи токму на отсуството на стипендии. Професорот вели дека тоа што денешните студенти стануваат „печалбари“ во добар дел се должи токму на отсуството на стипендии. Професорот копнее по старите добри времиња на социјализмот, кога студентите добиваа стипендии во ранг на плата, имаа загарантирано работно место, а некои од нив добиваа и станови „од работа“.
Како прво, на професорот сигурно му е јасно дека од времето на социјализмот до денес не е „само еден ден подоцна“, него поминале неколку децении. Сакале ние или не сакале, времињата се менуваат, економски и културни системи се менуваат, а ние имаме избор или да се прилагодуваме кон тие измени, или да продолжиме да живееме во фантазиите од тие далечни добри времиња со надеж дека можеби еден ден тие ќе се вратат, кога студентите ќе добиваат стипендии во ранг на плата, ќе имаат загарантирано работно место, некои од нив ќе добиваат и станови, и нема да има потреба да стануваат постмодерни печалбари. Со тие стипендии нивната мисла ќе биде: „Кога ќе завршам, мора да станам некој и нешто“, а не „Кога ќе завршам, мора да се вработам“. И на крај „Само така може да се стимулираат младите да си го изучуваат и да го чуваат мајчиниот јазик во време на лингвистички империјализам“.
Тие времиња нема никогаш да се вратат, тоа што било реалност во минатото не може никогаш да се врати во денешницата. Апсурдно е да се копнее по нешто, што во денешно време е чиста фантазија - таа е реалноста. Ако професорите како професорто Андоновски сакаат да придонесат нешто кон образованието тие прво треба да се соочат со оваа реалност.
Во секој образовен систем засегнати се општеството, државата, професорите, студентите и родителите, и секој од нив си има има своја улога. Точно е дека во социјалистичкиот систем главната улога и терет беше на државата. Колку тој систем беше ефективен е прашање. Некои, како професорот Андоновски, што го поминале образованието преку тој систем го сметаат идеален ако фокусот е само на доделување на стипендии. А каква беше улогата на професорите во тој систем? Докторираш, се вработуваш, имаш загарантирано работно место за цел живот, али треба да бидеш послушен кон државата. Професорот Андоновски вели дека денес послушен партиски војник добива што сака, непослушен интелектуалец не е заслужен за ништо и никогаш. Мислм дека и во тоа време непослушни интелектуалци не само што не добиваа ништо, него заслужуваа и затворски казни. А каков беше нивниот однос према студентите? Сигурно многу од тие студенти од генерацијата на професорот Андоновски се сеќаваат како стоеја на ред пред кабинетот на професорот пред испит тресејќи се од страв. Јас како визитинг студент од Америка имав прилика да студирам на УКИМ во далечната 1974-1975 година на Катедрата за македонски јазик. Покојниот професор Блаже Конески беше единствениот што навистина предаваше простум пред табла. Секој друг ќе влезеше во предавална, ќе седнеше на стол, ќе отвореше некоја негова книга, ќе читаше 45 минути и ќе си заминеше. По мое лично мислење, со искуство од предавање на три универзитети во Македонија, најглавната вина за недостатоците во македонскиот образовен систем е кај самите професори, кои со исклучоци имаат многу малку почит кон нивната улога и професија. Таа е единствената причина зошто никој универзитет ог Македонија не е на никаја листа на најрангирани универзитети.
Професорот Андоновски вели дека „Капитализмот не сака да знаеш и да размислуваш“. Ова е навистина бесмислен коментар. Доволно е само човек да направи една многу мала споредба на универзитети од капиталистички држави со тие од социјалистичките да види дека тоа не е така, него баш обратно. Затоа секоја година стотици студенти од Македонија преферираат да студираат на универзитет од некој од тие развиени капиталистички држави. Капитализмот просперира само со знаење, само со знаење се измислуваат нови технологии и капитализмот и државите просперираат. Прашајте го Елон Маск дали би вработил во неговата фабрика Тесла или во фабриката за вселенски ракети некого што нема знаење.
Што се однесува до идејата дека со стипендии младите ќе се стимулираат да го чуваат мајчиниот јазик во време на лингвистички империјализам, младите 500 години живееја во време на турски лингвистички империјализам и не си го заборавија македонскиот јазик - и тоа без стипендии! Колумната на професорот Андоновски дава импресија дека залудно е да се размислува за подобрување на македонскиот образовен систем без враќање назад кон некој романтизиран социјалистичкиот систем. Се надевам дека младата генерација на професори и студенти не се со исто мислење, дека тие можат многу добро да се образуваат и без целосна финансиска поддршка од државата. Науката нема граници, не препознава политички системи. Доволно е само да се има желба за знаење.
https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/ednorogot-narechen-stipendija/

Специјални звуци и извици во македонскиот јазик

 А? - Не те слушнав. Што сакаш да кажеш?

Аааа! - Не може тоа така.
АХ! - Пропуштена прилика.
Аха? - Значи, така?
Аууу! - Навистина?
Бооо! - Навистина многу.
Е! - Да, продолжи.
Ехеееее! - Претеруваш!
Ех! - Било така некогаш, али сега не е така.
Де! - Што чекаш?
И? - Што има тука чудно?
Леле! - Ме боли, ми е страв.
Мммм - Не се согласувам со тоа што го кажуваш.
Ооооо! - Изненаден сум.
Оп! - И веднаш....!
Ох! - Се уморив
Охохо! - Изразување на задоволство.
Оф! - Ме боли!
Псст! - Замолчи.
Пу, пу - Не важи. Да не те заречам.
Пф - Многу претеруваш.
У! - Зачуден сум.
Уа! - Срам да ти е, да се засрамиш!
Уф! - Страшно.
Ух! - Незгодно.
Хмммм! - Размисли малце повеќе.
Ха! - Зарем е можно тоа!?
Тц - НЕ.
Шшшшш! - Тишина.

Дали уште има потреба од корпус на македонскиот јазик?

 Повеќе од 20 години го сум го промовирал создавањето на македонски корпус, нешто што сите европски земји го имаат одамна. Првиот пример за тоа како би можел да изгледа еден македонски корпус го развив пред повеќе од 20 години, а оттогаш имаше неколку обиди за финансирање и организирање на ваков проект, но без успех. Владата не беше подготвена да го финансира овој проект, но уште поважно, сметам дека во моментов македонските институции немаат ни капацитет да преземат толку обемен и сложен проект. Во последно време од Институтот за македонски јазик има изјави дека нивниот следен голем проект ќе биде создавање на корпусот на македонскиот јазик.

Во време на вештачката интелигенција(ВИ) се прашувам, дали сега воопшто има потреба од македонски јазичен корпус, кога големите јазични модели (LLM) се вече обучени врз огромни количини македонски текстови со цел да научат обрасци во јазикот, вклучувајќи граматика, значење и контекст. Како резултат на тоа, тие можат да извршуваат задачи како одговарање на прашања, сумирање текстови, и помош при анализа. Вештачката интелигенција може значително да го унапреди лингвистичкото и книжевното истражување на македонскиот јазик преку овозможување анализа на големи количини текстови што би било непрактично да се испитува со корпус. ВИ може да идентификува обрасци во јазичната употреба, темите и историските промени низ обемни корпуси. Таа поддржува задачи како следење на семантички промени, споредување на наративни структури, откривање интертекстуални врски, со што ја зголемува ефикасноста и аналитичката длабочина, и отвора нови истражувачки прашања и интердисциплинарни пристапи во проучувањето на македонскиот јазик и книжевност. Во големите јазични модели собрано е сѐ што постои на интернет на македонски јазик - текстови, аудио и видео, и секојдневно се надградуваат. Во никоја смисла денес некој јазичен корпус би можел да ги надмини сите овие вештини. Тогаш, каква потреба би имало од јазичен корпус на македонски јазик? Мојата надеж е дека Владата ќе стане свесна дека навистина нема потреба од ваков проект и ќе одбие да го финансира истиот. Исто така, се надевам дека ИМЈ ќе ги насочи своите напори кон користење на оваа технологија за проучување и промоција на македонскиот јазик.

За инспекторатот за употреба на македонскиот јазик

 „Со овој закон, меѓудругото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори во органите на законодавната, судската и извршната власт, во сите јавни установи и институции, во медиумите и конзулатите, тука спаѓаат и правните лица и меѓународните организации.“

Дали некој има направено проценка колку „материјали“ се произведуваат секој ден од овие институции, и колку лектори се потребни за да ги читаат сите тие материјали пред да се издадат во јавноста? И кој ќе може да му наложи на некој странски амбасадор да вработи некого за оваа цел? Ќе се вработеле 28 инспектори, чија должност ќе биде секој ден да ги читаат сите документи за да проверат дали лекторот си ја завршил работата успешно. Ако не, следува казна. Откако инспекторите ќе се вработат ќе имаат обука од 12 месеци! АМАН! Каков абсурд! Три месеци теоретска обука. И, во што ќе се состои таа обука, и кој ќе ги обучува? И каква обука ќе треба за тие што ќе ги обучуваат инспекторите? Девет месеци тие треба да работат на терен со помош на ментори. АМАН! А како се станува ментор? И кој ќе треба да ги обучува менторите пред да станат ментори? Луѓе, додека ова го пишувам на компјутер правам многу печатни грешки, али фала богу тука е оперативниот систем да ги поправа. Сега сме во ерата на вештачката интелигенција. Со ВИ веќе можно е да се произведуваат текстови без јазични грешки и да се проверуваат текстови за синтактички, стилски и граматички грешки. Во време на ВИ, нека ми објасни некој каква потреба ќе има од вработување на десетици инспектори и стотици лектори? Ако моментално ChatGPT сеуште можеби не е тотално прилагоден за работа со македонски текстови, тој сигурно ќе се прилагоди многу порано него кога ќе се вработат и обучат инспектори и лектори. За тие што не вие познато како се работи со промптови во ChatGPT , еве еден пример од промпт со кој би се лекторирал некој текст за само неколку секунди (колку време би му требало на некој лектор да го направи истото?):
ПРОМПТ:
Ти си експерт за пишување и уредување на текстови. Ќе ти дадам текст. Твоја задача е внимателно да го анализираш и провериш за:
1. Синтаксичка точност: Идентификувај сложени или двосмислени реченични структури, неправилни конструкции или проблеми со редослед на зборовите.
2. Граматичка исправност: Откриј проблеми со неправилна употреба на членови, несовпаѓања во времиња, интерпункциски грешки и слично.
3. Стилска кохерентност: Процени дали текстот е јасен, концизен и формален. Предложи подобрувања, како избегнување повторувања, подобрување на поврзувачките изрази.
Достави го одговорот во овој формат:
Грешки / Проблеми: Наброј ги главните проблеми со кратки објаснувања.
Предложени измени: Понуди коригирана или подобрена верзија.
Коментари за стил и тон: Дај општи препораки за подобрување на протокот, прецизноста и читливоста.
Текст за анализа:
[Вметни го твојот текст]
https://sdk.mk/index.php/kultura/inspektoratot-za-upotreba-na-makedonskiot-jazik-cheka-soglasnost-za-vrabotuvana-na-inspektori-od-ministerstvoto-za-finansii/

Како да се стекнеш со магистратура или докторска титула

 и си дипломирал на некој приватен факултет, како на пример за безбетност или менеџмент, али имаш желба да магистрираш или да се стекнеш со докторска титула. Ама сакаш ова да го оствариш за многу кратко време и без многу мака - најважно без учење и пишување. Сега ова многу лесно можеш да го оствариш со ChatGPT! Не треба ни да знаеш англиски јазик, бидејќи ChatGPT сега сѐ ти преведува на македонски јазик. Прво ти треба да избериш некоја тема по твоја желба. Јас би препорачал нешто вакво: „Како квантната механика може да се оспособи за справување со климатските промени“. Прво ќе ти треба да најдеш некој професор што е пред пензија на соодветен факултет за да те прифати како докторанд. Тоа многу лесно се остварува со мито од, да речиме 500 евра. Зошто да не?

Следно, ќе одиш во ChatGPT и ќе му поставиш промпт и ќе побараш да ти најди научна литература поврзана со тој предмет на било кој јазик. Еве како би изгледал некој таков промпт:
„Ти си искусен академски истражувач. Твојата задача е да ги прегледаш и сумираш клучните наоди од скорашни студии за тема „Како квантната механика може да се оспособи за справување со климатските промени“.
1. Ова подразбира идентификување на најрелевантните и најновите истражувачки трудови, нивно внимателно читање, издвојување на најзначајните информации и синтетизирање на истите во јасно, концизно и сеопфатно резиме.
2. Твоето резиме треба да ги опфати главните цели, методологии, наоди и импликации од овие студии.
3. Исто така, треба да даде краток преглед на тековната состојба на истражувањето за темата.
4. Сите извори треба соодветно да бидат цитирани.“
Сега ги имаш изворите, можеби десетина или колку што сакаш. И што понатаму? Појма немаш од англиски! Нема проблем, ChatGPT ќе ти ги преведи на македонски.
Сега ги имаш изворите, али сепак ќе треба да составиш текст, докторска дисертација. Али како? Исто така ќе треба да пазиш на плагијат, што значи дека забрането е да препишуваш од туги извори. И за тоа ChatGPT има решение. ChatGPT ќе ти ги парафразирате изворите за да избегнеш плагијат. Еве како со овој промпт:
„Како експерт за препишување, вашата задача е да го парафразирате дадениот текст за да избегнете плагијат.
1. Препишаниот текст треба ефикасно да ја пренесе истата идеја, но со сосема поинаква формулација.
2. Прво ќе треба да го прочитате и целосно да го разберете оригиналниот текст, а потоа да ги користите вашите сопствени зборови за да ги изразите истите информации.
3. Парафразираниот текст треба да го задржи истиот тон и стил на оригиналот, а воедно да се осигурате дека е уникатен и без плагијат.
4. Осигурајте се дека препишаниот текст е граматички точен и го задржува оригиналното значење.
Текст: [Внеси текст]“
Ама чекајте! Можеби ти и од ова ChatGPT и промптови ич не се разбираш. И за тоа ич да не се секираш! Ќе бараш некој со искуство со промпт инженеринг, како јас на пример (се шалам!) и тој за многу мала сума сето ова може да ти го обезбеди. И толку! Ги предаваш текстовите на твојот професор, организираш одбрана и за кратко време си се стекнуваш со докторска титула. Ама како ќе го браниш докторатот кога појма немаш од темата? Најглавно, одбраната ќе ја организираш во време за ручек, во салата на одбраната ќе наредиш огромна маса со разновидни морски јадења и пијалаци, виски, бурбони, коњаци, итн. Секој професор ќе гледа одбраната да заврши што поскоро за да се наврти на масата. Ќе пазиш на секое прашање да одговараш прецизно, али само со она што ти е познато. На пример, ако си од Преспа на секое прашање ќе се фокусираш на повлекувањето на Преспанското езеро, состојбите на плажите во Стење и во Претор, за тоа како некогаш во Преспа имало и нудитичка плажа, и не треба ни да спомнуваш квантум механика.
Честито да ти е докторатот!

По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Денес во медиумите читам за прославата во Македонија на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Денот на мајчиниот јазик се слави на 21. февруари. Долго време размислував како да реагирам на овој настан. Читам, имлало голем собир во Институтот за македонски јазик, каде присутна била и претседателката на Македонија со свое излагање. Размислувајќи на оваа тема, се прашувам, кој е мојот мајчин јазик? Зборот 'мајчин' произлегува од зборот 'мајка', што треба да значи дека мојот мајчин јазик треба да биде јазикот што сум го научил од мојата мајка. Мојата мајка Злата, Бог да ја прости, беше од Преспа со завршено трето одделение. И таа зборуваше на јазикот што го научила од нејзината мајка Тасија, Бог да ја прости, која исто така беше од Преспа, и која исто така научила да зборува од својата мајка, итн. Можам да претставам дека и жители од други делови на Македонија исто така научиле да зборуваат од своите мајќи и татковци, онака како што зборувале нивните родители, али не на тој јазик на кој јас сум научил да зборувам, бидејќи иако ние сме македонци тој јазик за мене е неразбирлив. И сега јас се прашувам, за прославата на македонскиот јазик како мајчин јазик, за кој јазик се мисли? Јазикот што јас сум го научил од мајка ми, јазикот што го научил од својата мајка некој од Берово, Скопје, Кавадарци, или стандардниот македонски јазик, што секој во државата е обавезен да го употребува во секаква јавна употреба под закана од казна? Јас можам да си зборувам на мојот мајчин Преспански јазик кога сакам, со кого сакам и каде сакам без да бидам казнет за неправилна употреба, што не е исто ако се употреби неправилно македонскиот стандарден јазик во јавна употреба. Државата со закон дури се обавезува да вработи инспектори што ќе казнуваат за неправилна употреба на тој јазик. И така, ако некој ме праша, кој е мојот мајќин јазик, јас не би можел да одговорам дека мојот мајчин јазик е оној стандардниот со казнени одредби. Мојот мајчин јазик е Преспанскиот јазик. Идејата за прославување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик беше иницијатива на Бангладеш. Во Бангладеш, 21 февруари 1952 година е годишнина од денот кога Бенгалците од тогашната пакистанска покраина Источен Бенгал (која сега е независна држава Бангладеш) се бореа за признавање на нивниот бенгалски јазик како официјален централен државен јазик, наместо како покраински јазик. Во 1948 година, владата на Пакистан го прогласи урду за единствен национален јазик на Пакистан.

Народот на Источен Пакистан протестираше. За да го уништи протестот, владата на Пакистан ги забрани јавните собири и собири. Студентите на Универзитетот во Дака, со поддршка на јавноста, организираа масовни собири и состаноци. На 21 февруари 1952 година, полицијата отвори оган врз собирите. Неколку студенти загинаа, а стотици други беа повредени. Ова беше редок инцидент во историјата каде што луѓето ги жртвуваа своите животи за својот мајчин јазик. И сега се прашувам, кога Македонците ќе се освестат и тие исто така ќе се жртвуваат против драконските казни за неправилна употреба на стандардниот македонски јазик?

Во селото Подвис, во екот на Втората светска војна, за првпат на слободна територија се слушнал мајчиниот збор во првото училиште на македонски јазик. А второто училиште на македонски јазик беше основано во с. Љубојно.

Да се потсетиме и на првите учители во Преспа што беа назначени, а беа од македонско потекло, помеѓу двете светски војни, Петар Здравкоски - Пенко, Ѓорѓи Ивановски, Науме Ристевски, Трпе Калајџиски, Јонче Цветковски и Корун Јанковски. Предавањата во училиштата во Македонија помеѓу двете светски војни беа на српски јазик, али учителите во тоа време скришно ги учеле децата на македонски јазик. Еве што кажуваат Живко Стрезовски, Живко Митревски и Евда Митревска од с. Подмочани - ученици на Пенко од првата генерација: „Наставата ја изведуваше на мајчин јазик, а нам ни велеше ако дојде некоја ревизија да зборуваме на српски. Часовите по веронаука ги заменуваше со други часови. Едно утро, некој го обавести дека ќе се врши претрес на училиштето. Тој одма собра некои книги на македонски јазик, ги стави во торбето на ученикот Стрезо Китанчевски и му рече: „Бегај брзо“, а нам ни рече да не се плашиме.“
По ослободувањето Петар Здравковски се вклучи во општествено-политичкиот живот. Во 1949 Здравковски е поставен за Генерален секретар на Владата на СРМ. До 1957 е генерален конзул во Марсеј, во Франција. По враќањето од Франција, во 1957, Здравковски е именуван за член на извршниот совет на НРМ - со функција Претседател на Советот за просвета на НРМ и Претседател на Универзитетскиот совет. Покрај овие функции, во два мандатни периоди Петар Здравковски беше избран и за народен пратеник во Републичкото собрание на Македонија. Носител е на „Партизанска споменица 1941“. Смртта го затече на функцијата амбасадор на владата на СФРЈ во Либан. Едно училиште во Скопје го носи неговото име.
Учителот Ѓорѓи Ивановски од с. Подмочани во мај 1943 излегува во партизани, беше и еден од делегатите на Првото заседание на АСНОМ. Есента 1944 станува заменик командир на Седмата чета на Седмата македонска бригада. Во декември 1944 назначен е на одговорност за просвета при Околискиот одбор во Ресен. По војната е избран за пратеник во Уставотворното собрание на НР Македонија. Потоа тој е потпретседател на Сојузот на просветните работници на Социјалистичка Република Македонија. Работи во Заводот за развој на воспитно-образовната работа.
Додека го славиме овој ден на мајчиниот македонски јазик, да не ги заборавиме и првите учители македонци што во српските училишта скришно го негуваа нашиот јазик.

Прашај го Конески!

 Денес сакам да се осврнам на напис од Весна Дамчевска со назив „Прашај го Конески!“ во денешниот весник Нова Македонија. За време на нејзиниот престој во Кина таа видела презентирана некоја интерактивна иновација за вештачка интелигенција со интригантен назив „Прашај го Конфуциј“.

Дамчевска се фокусира на еден проблем со вештачката интелигенција, дека „огромно цивилизациско знаење ќе остане заробено во објавените книги и академските статии затоа што вештачката интелигенција не знае за нив или затоа што никој повеќе нема да чита“. За жал, ова е вистина за ситуацијата во Македонија. Вештачката интелигенција не знае за тие книги во Македонија бидејќи оваа држава е една од ретките што нема стратегија за внесување на книги, статии и сѐ друго на интернет за сѐ да биде достапно секому каде било во светот.
Неодамна правев истражување за историјата на Преспа. Најдов информации за посетата на кралот Александар во Преспа, на која дата дошол и со кого се сретнал - сѐ благодарение на Српскиот интернет архив „Истражива“, каде што се дигитализирани весници и списанија дури и од 19 век. Во Македонија нема ништо слично.
Ова исто ме потсетува и на проектот на ИМЈ за дигитализирање на картотеките. Замислете, потрошени десетици илјади евра, стотици илјадници картички дигитализирани, складирани во скапи водоотпорни куфери, складирани во некој подрум за никогаш да не видат бел ден. Ете затоа вештачката интелигенција не знае за нив, и затоа знаењето за нив ќе биде заробено во тие куфери засекогаш. За жал, на вештачката интелигенција ѝ недостига огромно мнозинство на човечкото знаење што во моментов постои во книгите и академските статии од Македонија. И зошто мора да биде така?
Дамчевска се прашува зошто едноставно не ги отвориме кориците на најважните дела на Конфуциј и самите, низ неговите зборови, не ја откриеме големата мудрост на кинескиот филозоф? Кога јас ги имам сите негови дела на мојот таблет кои ми се достапни во секое време, што повеќе јас ќе научам за неговата филозофија ако јас треба од Подмочани да се упатам да одам во Скопје во НУБСК за едноставно да ги отворам кориците на некое негово дело? Со вештачката интелигенција јас не само што можам да ги читам тие дела, туку можам и да „разговарам“ со него и со сите тие што имаат пишувано за него и да му задавам прашања.
Јас имам направено една слична апликација за поезијата на Ацо Шопов. Ги имам собрано сите негови песни. Со оваа виртуелна алатка со вештачка интелигенција можете да поставувате прашања на македонски или на англиски јазик за целокупното поетско дело на Ацо Шопов. Можете да слушате разговор на англиски или на македонски меѓу двајца водители кои ги анализираат неговите дела. Исто вие можете да се вклучите во нивниот разговор со глас и да им доставувате прашања. Сето ова е возможно само благодарение на сите тие што ги поставиле неговите дела на интернет и на вештачката интелигенција.
Во нејзината статија Дамчевска ја цитира професорката Весна Мојсова-Чепишевска, која вели „на вештачката интелигенција треба да се гледа како на алатка, а не и како на замена на авторот, творецот, писателот, кој има свој глас, единствен и автентичен.“ Овде гледам конфузија, не е спорно дека вештачката интелигенција е само алатка, но не претендира да го „замени“ авторот. Не знам во која смисла професорката Весна Мојсова-Чепишевска мисли дека тоа би било можно. Но друго многу важно прашање е дали во моментов, или во иднина вештачката интелигенција ќе може да ја замени професорката Весна Мојсова-Чепишевска како истражувач и специјалист на делата на Конески? Ако сите негови дела и сѐ што е истражувано и пишувано за него ѝ се достапни на вештачката интелигенција, и кога јас имам можност со вештачка интелигенција да разговарам со Конески и со секој друг што има сѐ пишувано за него, нели тоа е предност?
Баш вчера јас изработив една нова апликација со вештачка интелигенција за анализа на песни, и како пример ја ставив песната „Тешкото“ од Конески. Вештачката интелигенција пребара сѐ што има на интернет поврзано со Конески и со оваа песна, и ми достави одговор од околу две страници, поделен на овие делови: Тема и значење, Тон и расположение, Литературни средства, Структура и форма, Јазик и стил, Звук и ритам, Емоционална и културна длабочина, Интерпретација. Истото може да се направи за која било песна од кој било автор. Називот на написот на Весна Дамчевска е „Прашај го Конески!“ Еве како јас го прашувам и разговарам со Конески. И сега нека проба некој да ме убеди дека пристапот кон книжевноста со вештачката интелигенција е непродуктивен и залуден, и дека ако сакам да ги разберам Конески и Шопов најдобро е да ги отворам кориците на нивните дела.
https://novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/prashaj-go-koneski/

Aнализа за науката и високото образование во Македонија

 Ова е најпаметна анализа за науката и високото образование во Македонија што до сега сум ја читал. За жал, како и секогаш државата нема никогаш да ги имплементира овие предлози. Еве еден многу добар предлог од професорот што се однесува до македонските научници од дијаспората - јас лично сум еден од нив.

„Во законот мора да се предвиди и јасен механизам за привлекување на нашите научници од странство, кои денес, парадоксално, често полесно напредуваат на врвни универзитети во светот отколку што можат да се вратат и да бидат вклучени во македонскиот систем. Поради крути, формалистички и често застарени законски барања, особено во делот на нострификација на диплома, еквиваленција на звања, признавање на академски позиции и административни процедури, државата сама си ја затвора вратата пред кадар што веќе докажал меѓународен квалитет. Наместо такви луѓе да ги охрабрува да се вратат, системот ги оттурнува. Тоа е не само кадровска, туку и национална штета.“
Јас сум се образовал на врвни универзитети, и сум предавал на врвни универзитети во Америка, три пати сум добивал Фулбрајтова стипендија од Америка за истражување и за предавање во Македонија. Нас, како мене не има стотици низ светот. Кога некогаш ќе контактирам некој професор во Македонија за некаква истражувачка соработка, тој обично или нема ниту да ми врати (последен пат ова ми се случи пред две недели кога контактирав професор од Институтот за национална историја), или пак неговото прво прашање ќе биде „Што ќе има овде за мене?“ во смисла на „Што ќе заработам јас од ова?“. За истражувачка соработка со македонски професори јас не барам ниту плата ниту било какви други бенефиции - али моите понуди никако да бидат прифатени! Ова е само една причина зошто македонската наука умира - и државата тоа го дозволува.
https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/makedonskata-nauka-umira-a-nie-toa-go-dozvoluvame/

Aвтоматизација на образованието

 Образованието е на прагот да стане целосно автоматизирано

Процесот на автоматизација на образованието се интензивира. Првичните грижи на наставниот кадар во однос на користењето на чатботи за пишување есеи постепено се надминуваат од понапредни агентски системи, како што е Claude Code, кои овозможуваат делегирање на сè поголем обем академски задачи на ВИ-системи. ВИ може да извршува широк спектар активности, вклучително решавање онлајн тестови, изработка на лабораториски извештаи и подготовка на презентации. Се создава перцепција дека речиси не постои задача која не може да биде автоматизирана.
Како илустративен пример за оваа појава се појавува алатката Einstein, која предизвика значително внимание во јавноста. Овој систем беше претставен како решение што автоматски ги идентификува и извршува академските обврски пред нивниот рок. Со обезбедување пристап до платформата Canvas, корисниците му овозможувале на системот целосно да ги преземе нивните активности. Функционалностите опфаќале следење на предавања, анализа на наставни материјали, пишување академски трудови, учество во дискусии и автоматско поднесување задачи, како и полагање онлајн тестови и испити.
Со цел да се испитаат овие тврдења, спроведен бил практичен експеримент преку запишување на бесплатен онлајн курс по воведна статистика. Системот Einstein, во рок пократок од еден час, ги завршил сите предвидени модули и квизови. И покрај одредени технички ограничувања, конечниот резултат бил максимален успех, што укажува на високо ниво на функционална ефикасност на ваквите системи.
Einstein може да се разгледува како индикатор за идните насоки на развој на ВИ во образованието. Современите системи располагаат со значителен капацитет за обработка на информации, што овозможува интеграција на обемни образовни материјали, како што се наставни програми, презентации и пример-тестови. Дополнително, овие системи демонстрираат способност за автономно извршување комплексни задачи, вклучително учество во дискусии и обработка на наставни содржини без директна интервенција од страна на студентот. Емпириските податоци укажуваат на растечки тренд во користењето на ВИ за поддршка при извршување на образовни обврски.
Паралелно со тоа, технолошките компании интензивно работат на интеграција на ВИ во образовните системи. Преку различни иницијативи, студентите добиваат пристап до напредни алатки, често без надомест или по субвенционирани услови. Овие активности укажуваат на стратегиска насока кон поширока институционализација на ВИ во образованието.
Од перспектива на студентите, дел од нив ги перципираат овие алатки како значајна поддршка во процесот на учење, особено во контекст на персонализирано образование и адаптивно генерирање задачи. ВИ-системите се користат и како средства за објаснување на комплексни концепти во реално време, што претставува дополнителна образовна вредност.
Од друга страна, наставниот кадар исто така сè почесто интегрира ВИ во својата работа. Платформи како Canvas воведуваат алатки за автоматизација на административни и организациски задачи, додека одредени практики вклучуваат и автоматизирано оценување на студентски трудови. Иако ваквите решенија овозможуваат значителна временска ефикасност, тие истовремено отвораат прашања за потенцијалното нарушување на релацијата помеѓу наставникот и студентот, која традиционално претставува клучен елемент на образовниот процес.
Поголемиот дел од засегнатите страни изразуваат загриженост во однос на оваа трансформација. И покрај зголемената употреба на ВИ, постои перцепција дека нејзината прекумерна примена може негативно да влијае врз развојот на критичкото размислување кај студентите. Дополнително, постојат индикации за намалување на директната академска интеракција, што може да резултира со намалено ангажирање и мотивација.
Особена загриженост предизвикува концептот на „целосно автоматизиран образовен циклус“, во кој ВИ-системите истовремено генерираат и оценуваат академски задачи. Во обид да се спречат ваквите појави, наставниците применуваат различни методи за следење на автентичноста на студентската работа. Сепак, развојот на технологии за симулација на човечко пишување дополнително ја усложнува оваа проблематика, создавајќи нови предизвици за одржување на академскиот интегритет.
Преземено од "The Atlantic"

Инспекциски надзор над примената на Законот за употреба на македонскиот стандарден јазик

[Ова е пародија]

После скоро осумдесет години од кодификацијата на македонскиот јазик граѓаните на Македонија сеуште комуницираат на својот локален дијалект. Од Министерството за култура објаснуваат дека задолжително ќе се проверува кај секој граѓанин на Република Северна Македонија дали коректно го употребува македонскиот стандарден јазик.

Во однос на казнената политика, од Министерството за култура објаснуваат дека за вршење инспекциски надзор над примената на Законот за употреба на македонскиот стандарден јазик се предлага основање јазична полиција за контрола на употребата на јазикот во секојдневната комуникација. Прекршочните одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоците. Во овој закон се пропишуваат и глобите.
Се предвидува на сите факултети за безбедност во државата да се воведи нов смер „Јазична полиција“, каде кандидатите ќе бидат обучувани како да препознаваат прекршоци во употребата на македонскиот стандарден јазик и како да спроведуваат казнени постапки. Казнените постапки ќе бидат во форма на јавно камшикување.
За оваа цел Министерството за култура планира да вработи врвни професори полицајци од одредот на „Моралната полиција“ во Иран и Авганистан за да ги обучуваат македонските кандидати како да го спроведуваат камшикувањето. Јазичните полицајци ќе бидат распределени насекаде и во сите области и сфери во државата, нарочито таму каде што се прават најсериозните јазични прекршоци, на пазарите, во кафулињата и пред селските задруги и кооперации.
Глобите ќе зависат од тоа каков јазичен прекршок има направено говорителот. Например, за грешна употреба на глаголската форма -ет од некој Охриѓанец следува само еден камшик. За неточна локација на акцентот од некој од источните предели на Македонија следуваат пет камшици. А за употреба на србизми меѓу говорителите во Скопје следуваат петнаесет камшици, итн.
Со овој закон за следните 175 години сите граѓани на Македонија ќе се ослободат од нивните архаични дијалекти и правилно ќе го употребуваат македонскиот стандарден јазик, што е и нивна должност.

За Државниот архив на Македонија

 Во ова интервју директорот е прашан, Има ли заинтересирани граѓани што доаѓаат во Архивот? Неговиот одговор е: За жал, многу слабо. Следното прашање од БИРН требаше да биде, Зошто многу слабо граѓани доаѓаат во Архивот? Јас би сакал да го прочитам неговиот одговор на ова прашање. Во Архивот во Скопје има многу документи од историјата на Преспа, еден од нив е и фондот на Наум Веслиевски - Овчарот. Двапати ги имам контактирано во врска со овој фонд, и до ден денес не ме имаат ни почестено со одговор. Просто никој не одговара на емајл. Директорот вели, 'истражувач или љубител на некоја дејност може слободно да дојде во Архивот во работно време, да си поднесе барање за истражување, да наведе кој фонд сака да го истражува и … За два до три часа ќе му се достави бараниот материјал.' Ова е само ако нема гужва и ако живееш во Скопје. Значи, ако ти треба да провериш само една страница од некој документ ќе ти треба да изгубиш пола ден. А ако си од Ресен - цел ден. Јас многу често истражувам во Архивот во Битола, и таму чекањето е најмногу 10-15 минути. Директорот исто вели дека во изработка било на софтверско решение, пилот-проект, кој ќе бил еден од најмодерните во Европа. Сите дигитализирани фондови и документи ќе бидат објавени (кога?), и граѓаните, со својата платежна картичка, а врз основа на објавен ценовник, ќе имаат пристап до сите дигитализирани документи. Значи, ако сакаш да прегледаш било што ќе те кошта за секоја страница. Демек, со ова ќе им ја олесниле работата и на граѓаните што се во дијаспората да истражуваат. А за тие од Ресен, ако не сакаат да плаќаат ќе мора да одат таму во Скопје. Јас редовно истражувам во архиви низ цел свет, во Софија и во Белград, и до ден денес никоја не ми има побарано платежна картичка за да прегледам некој документ преку интернет. И сега директорот ќе барал пари од државата за изградба на нова зграда. И каква корист јас од Преспа ќе имам од таа нивна нова зграда кога пак нема да имам лесен пристап до нивните фондови?

https://prizma.mk/bogeski-v-godina-proekt-za-nova-zgrada-na-drzhavniot-arhiv/

За вработување инспектори за македонски јазик

 Боже мој! Не знам на кој друг начин би можел да реагирам на овие изјави. За Законот за употреба на македонскиот јазик имам реагирано и пишувано неколку пати, но секогаш кога ќе читам изјави за неговата имплементација просто не можам да се воздржам да не реагирам. Во врска со сите изјави од Министерството за култура, мене ме чудат две работи. Зошто ниту еден новинар НИКОГАШ не се осмелил да постави некое прашање за овој закон. Дали навистина е потребен, зошто во ниту една друга држава нема сличен закон со слични наредби, рестрикции и парични казни, дури и дали можеби законот е противуставен и против одредбите од Европската комисија за човекови права. И второ, што е многу значајно и жално, зошто има тотален молк од лингвистите што се ЗА или ПРОТИВ овој закон. Второто ми е јасно - не верувам дека кој било лингвист, професор, истражувач итн., би се осмелил да изусти што било, што е против изјава или наредба од неговиот работодавач - Министерството за култура или Министерството за образование. Самиот концепт дека извршната власт си дава себеси законско право да ја контролира употребата на кој било јазик и да казнува за негова неправилна употреба е таков апсурд, што не ни вреди да се дискутира. Се прашувам, зошто на никого од извршната власт и на ниту еден лингвист не им е познато дека не постои сличен закон за ниту еден јазик во која било друга држава. Во неколку држави, како што е Словачка, има закони за употреба на стандардниот јазик, но во ниту една друга држава нема закони што казнуваат за неправилна употреба на јазикот со лексички, граматички или синтаксички грешки, како што е македонскиот закон. Читаме дека во тек е постапката за вработување на инспекторите за македонски јазик. Инспекторатот не е ништо друго освен еден вид јазична милиција овластена да казнува за граматички грешки во употреба на македонскиот јазик во јавна комуникација. Од почеток ќе се вработувале петмина инспектори, кои ќе бидат вработени како инспектори по македонски јазик. Тие ќе мора да посетуваат обука една година. По завршувањето на обуката ќе можат да полагаат за инспектор, односно да се здобијат со лиценца „инспектор по македонски јазик“. Добро бре луѓе, ве молам, дали само мене ова ми звучи апсурдно? Еве, да речеме, избрани се тие пет кандидати што ќе бидат задолжени за инспекција низ целата држава за правилна употреба на македонскиот јазик. Ќе требало да посетуваат обука ЕДНА ГОДИНА! ЕДНА ГОДИНА! ЕДНА ГОДИНА! Во што ќе се состои оваа обука? Зошто е потребна обука од една година за некој, кој било, да проверува дали има правилна употреба на македонскиот стандарден јазик? И кој ќе ги обучува овие петмина цела година, и какви квалификации треба да имаат обучувачите за да ги обучат овие петмина? Или можеби и обучувачите ќе треба да посетуваат обука ЕДНА ГОДИНА за да обучат како да ги обучуваат петмината инспектори. И друго. Зошто на господата уште не им е јасно дека со моделите на вештачката интелигенција како Claude може многу лесно да се изгради лектор за македонски јазик кој може да ги надмине способностите за лекторирање од човек-лектор? Како што денес MS Word со македонска поддршка поправа печатни грешки, истиот ќе поправа граматички и синтаксички грешки. Тоа веќе го има за англискиот и за многу други јазици. Што ова значи? Ова значи дека веќе нема потреба од вработување стотици, ако не и илјадници лектори низ целата држава, нема потреба од инспекторати, вработување и тренирање на инспектори, обучувачи и што уште не.

https://sdk.mk/index.php/kultura/teche-protsedurata-za-vrabotuvane-na-inspektorite-za-makedonski-jazik-pa-ke-sledi-ednogodishna-obuka-reche-direktorkata-andreeva/

Буки, алатка за препознавање и транскрипција на говор на македонски јазик

Деновиве во скоро секој медиум во државата имаше изјава за тоа како македонски научници развиле алатка базирана на вештачка интелигенција за...