Го читам новиот „Предлог на закон за употреба на Македонскиот јазик“ од Министерството за култура. Дури и јас полуписмен, забележувам еден куп печатни грешки на секоја страница, како например „конкурс за стипендирањеструдентиза изучување на македонскиот јазик“, „предлага основањеИнспекторат заупотребата“. Скоро да нема реченица без грешка како „образование.Како“, „лектор.Испитот“. Лицето што го напишало овој текст не се ни потрудило да го провери со спел-чекер. Патем, во предлогот пишува, „Член 7 (1) Задолжително се лекторираат на македонски јазик:... 2. службените документи и текстови на законодавната, извршната и судската власт и на единиците на локалната самоуправа и на јавните установи од областа на културата, образованието и науката што се објавуваат,“ а самиот овој текст на предлогот не е лекториран. Член 13, (1) Лекторирање, во согласност со овој закон, е правописно, граматичко, лексичко и јазично исправање и уредување на некој текст. ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ член 32, (1) Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако: - објави нелекториран службен документ или текст (член 7 став (1) точка 2). Како например овој предлог-закон.
August 25, 2026
Пак за законот за употреба на македонскиот јазик
Ова се неколку мои коментари во врска со новиот предлог-закон за употреба на Македонскиот јазик и изјавите поврзани со изјави од Министерството за култура.
Према објавите од Министерството за култура, потребата од нов закон произлегува од непочитувањето на законските мерки од законот од 1998 година. Имало и нефункционалност на наставните планови, програми и реализација на наставата по македонски јазик на сите образовни степени. Министерката напоменува дека сето ова (новиот закон) заедно овозможува системски организирана грижа за македонскиот јазик во законодавна смисла која е и лесно применлива и во практиката. Значи, со овој закон треба да се реши проблемот со непочитување на претходните законски мерки, исто така ќе се спроведат функционални наставни планови, и сето ова ќе биде лесно применливо и во практика.
Јас би ги поставил следните прашања.
1. Пред да се оди со нов закон, дали сте се прашале зошто имаше непочитување на законските мерки од законот од 1998, и освен со зголемување на глобите за прекршок, како вие планирате да ги убедите луѓето да ги почитуваат законските мерки од новиот закон? (за ова подетално подолу)
2. Која е причината за нефункционалноста на наставните планови, програми и реализација на наставата по македонски јазик на сите образовни степени? Како точно вие планирате да го решите овој проблем? Како ќе ги изработите овие планови за да бидат функционални?
3. Велите, во Инспекторатот ќе бидат вработени 30 инспектори за македонски јазик кои ќе дејствуваат на терен. Ова не е баш многу јасно, што значи „на терен“? Инспекторите ќе шетаат од град во град, од институција во институција, ќе прегледуваат се и сешто што е напишано на Македонски јазик, дали е правилно напишано? Имате ли претстава колку такви инспектори ќе ви се потребни за целата држава, имајќи во предвид колку текстови со граматички грешки се произведуваат секој ден?
4. Во Член 7 (1) пишува, „Задолжително се лекторираат на македонски јазик:... 2. службените документи и текстови ... на локалната самоуправа и на јавните установи од областа на културата... што се објавуваат.“ Дали истото важи и за објавени записници од состаноци на Месни заедници од селата низ Преспа, каде што преовладува Преспанскиот дијалект, и за објави од игроорни групи?
5. За да се примени овој закон во сите институции низ целата држава, дали имате предвидено колку лектори би биле потребни, и дали воопшто има толку лектори во државата?
6. Одговорноста на правните и на физичките лица за правилна употреба на македонскиот јазик се обезбедува и со соодветна казнена политика. Во однос на глобите, Министерката информираше дека во верзијата на ЕНЕР се пониски предвидените глоби, но во договор со Министерството за култура мора да се направи усголасување со Законот за прекршоците и очекуваат овие глоби да бидат повисоки. Овде нема простор да ги наведам сите глоби, али можете да ги прочитате во законот, ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ
член 32, на страница 15. Со оглед дека се предвидени глоби во делот за прекршочни одредби и во претходниот закон, и не беше барана одговорност, зошто сте убедени дека нешто ќе се смени со новиот закон, дека во иднина ќе се бара одговорност, дека луѓето кога ќе ги видат високите глоби ќе бидат поодговорни . Сега направете една кратка проценка колку прекршоци во употребата на Македонскиот јазик во државата би се случиле за еден месец. За секој прекршок ќе треба да се оди на суд, и колку судии ќе ви требат што ќе се бават само со прекршоци од овој закон? Во Законот за високо образование казнените и прекршочните одредби се наведени во 6 страници! Дали некој памти случај каде некој бил казнен за било каков прекршок во образованието?
7. Ова го поздравувам, али не сум убеден дека е можно да се оствари. Македонскиот јазик да биде задолжителен за изучување на сите факултети, во сите високо образовни институции без оглед дали се државни или приватни, а изучувањето да биде во два семестри. Не знам како е во Европските држави, али во Америка изучувањето на Англискиот јазик е задолжително на сите факултети, не со закон, али во пракса. Како би изгледал наставен план за изучување на македонскиот јазик на ниво на факултет? Во Америка Англискиот јазик се изучува во прва година. Ако е исто така и во Македонија, треба да се пресмета колку студенти од прва година има на сите факултети за да се види колку професори би биле потребни за држење предавања. Дали воопшто ќе има толку професори?
8. Донесувањето на Законот на годишно ниво би коштало 3 639 060,00 денари, или околу 60.000 евра, и тоа за основање Инспекторат за употребата на македонскиот јазик и за работа на Советот за македонски јазик. А за се друго, од каде пари? За инспекторите?
9. Во медиумите читам дека имало јавна дебата за Предлог-законот во НУБ „Св. Климент Охридски“. На дебатата учествувале членови на Советот за македонски јазик, истакнати професори и лингвисти, како и новинари. Од она што го прочитав во медиумите мене не ми изгледаше како дебата, него повеќе како објави од личности од присутните институции. Дебата е формална дискусија за одредена тема на јавен состанок или законодавно собрание, во која се изнесуваат спротивставени аргументи. За да има вистинска дебата треба да има присуство на спротивставени страни. Спротивставени не во смисла на луѓе што се против овој закон, него во некои одредби во законот.
10. Добро е што Министерството бара конструктивен дијалог и забелешки во врска со Предлог-законот. Забелешките може да се достават до Министерството на нивните електронски пошти или преку системот ЕНЕР. За забелешките да бидат во форма на дијалог или дебата тие треба да бидат достапни до секој. Јас лично би сакал да ги прочитам забелешките доставени до Министерството за и јас да можам да учествувам во дебатите. Како Министерството планира да ги објавува тие забелешки за да бидат достапни? Што се однесува до системот ЕНЕР, ако кликнете на Прописот за овој Предлог-закон ќе го добиете следниот одговор: „- - - Нема коментари за овој пропис - - -“!
11. И сега? а. Освен она што е објавено во медиумите во врска со „дебатата“ во НУБ „Св. Климент Охридски“, јас не знам точно кој рекол, што рекол за време на настанот и не можам да коментирам на нивните изјави. Добро ќе беше да имаше видео снимка од настанот ставена на Јутуб за да биде достапна до секого. б. Јас немам пристап до забелешките доставени до Министерството, ако воопшто има некакви забелешки. в. Во ЕНЕР системот нема никакви коментари. г. Огромна благодарност до господинот Ацо Лукароски што ја води групата „Македонски јазик“ на Фејсбук, каде може да се водат вистински дебати и вистински дијалози поврзани со јазикот.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
За пренесувањето на Самоиловата плоча во Битола
Во еден пост од January 12, 2020 во групата „Мојата Преспа...“, господинот Metodija Jonovski пишува за царските гробници на островот Ахил...
-
Сега веќе ја добивме крајната цена за реконструкција на ова училиште во Љубојно, цели 32.8 милиони денари! Не сакам да бидам сфатен погрешно...
-
Идејата за заштита на македонскиот јазик со закон од негова неправилна употреба е глупава и главно неостварлива. Идејата дека државата ќе ко...
-
Последните неколку дена во македонските медиуми се шират информации за тоа како „Ракописи стари 500 години од Институтот за македонски јази...
No comments:
Post a Comment