August 24, 2026

Вим Хоф, холандски мотивациски говорник

 Мојот пост во „Мојата Преспа...“ за интервјуто со Бети Котовчевска на „Преспа колинг“ бил избришан без објаснување. Пробав на многу културен и научен начин да го дадам моето мислење за методот Вим Хоф. Немав апсолутно никаква намера да ја навредам Бети. Ако ја навредив, искрено се извинувам. Како и секој друг, Бети е слободна да си верува во што сака. За тие што ги интересира оваа тема постот го објавувам тука.

Интервјуто на Бети Котовчевска во поткастот „Преспа колинг“ го гледав со голем интерес, бидејќи имам читано и видено подвизи на Бети на мраз. Речиси целосното интервјуто на Бети беше фокусирано на методот Вим Хоф, кој таа го следи и промовира. Се вознемирив кога таа почна да зборува за тоа како овој метод е навистина лек за сè, вклучително и рак и сите заразни болести. Згора на се, таа го цитира Вим Хоф, кој вели дека медицинското поле не сака да го прифати неговиот метод заради едноставниот факт што ако го стори тоа, тогаш сите медицински учебници ќе треба да бидат уништени. Ова секако подразбира повеќе нема потреба од лекари, нема повеќе потреба од болници. Си заболел, само скокни во мраз и ќе се излечиш. Луѓето веруваат во секакви работи, и јас сум сигурен дека Бети е целосно уверена во лековитите квалитети на методот што го следи. Сепак, најмногу ме вознемирува кога се промовираат такви методи за другите да ги следат, особено кај оние од помладата генерација, кои се многу впечатливи од говорот на големите инспиративни говорници како што се Вим Хоф и Бети, кои користат изрази како „научно е докажано дека...“, итн. Во интервјуто Бети вели дека сака да организира работилница во Ресен за оние кои се заинтересирани да го следат овој метод. Пред некој да се пријави на оваа работилница, ве повикувам вас и родителите на младите деца да прочитате непристрасен преглед на овој метод од научната заедница и да дознаете повеќе за овој човек Вим Хоф. Имајте на ум дека Вим Хоф е инспиративен говорник, неговата главна цел е да заработи пари, а не да ве излечи од некоја неизлечива болест. Еве неколку факти за Вим Хоф и неговиот метод што може да се најдат на интернет. Се надевам дека ќе ви помогнат да одлучите дали треба да им верувате на науката и медицината или на некој шарлатан кој тотално не ги почитува. Вим Хоф е екстремен спортист, способен да издржи екстремни ниски температури. Тоа е факт и тоа е во ред, но овој подвиг не значи дека ова е метод за лекување на сите видови болести.
Па, кој е Вим Хоф?
Тој е холандски мотивациски говорник и екстремен спортист, познат по неговата способност да издржи ниски температури. Хоф ПРОДАВА режим наречен Wim Hof ​​Method (WHM), кој вклучува изложеност на ладна вода и техники на дишење. Воутер ван Маркен Лихтенбелт, научник кој го проучувал Хоф, рече: „Научниот речник на [Хоф] е бесмислица. Со убедување, тој меша на несмислен начин научни термини како непобитен доказ“.
Што се однесува до изложеноста на студ, Американското здружение за срце и Британската фондација за срце издадоа предупредувања за ладна терапија. Заклучно со март 2024 година, има 32 извештаи за луѓе кои умираат наводно поради методот Вим Хоф. Според еден експерт, потопувањето во ладна вода може да предизвика срцева аритмија кај 1 до 3 проценти од младите здрави субјекти, но до 63 проценти ќе страдаат од аритмија кога ќе се побара да го задржат здивот пред да се нурнат. „Тоа е неверојатен начин за репродукција на срцеви аритмии кај инаку фит и здрави поединци“, рече тој. Некои експерти велат дека практикувањето на методот на Вим Хоф е „Коцкање со својот живот“.
Четворица практичари се удавија во 2015 и 2016 година, а роднините се сомневаа дека се виновни вежбите за дишење. Во 2021 година, маж од Сингапур се удави во базен при обидот на методот. Едно лице почина по сесија на терапија со ладна вода во Англија во 2022 година. 17-годишната Медлин Роуз Мецгер почина откако го изведе методот Вим Хоф во нејзиниот базен во Лонг Бич, Калифорнија.
Првата сопруга на Хоф, Маривел-Марија, починала со самоубиство во 1995 година скокајќи од осумкатница. Во 2012 година Хоф беше прогласен за виновен за семејно насилство врз осумнаесетгодишниот син на неговата тогашна девојка Керолин.

No comments:

Post a Comment

Колку е ниско паднато „високото“ образование во Македонија

  Во весникот „Нова Македонија“ професорката Солза Грчева пишува за тоа колку е ниско паднато „високото“ образование во Македонија. За се ја...