August 12, 2021

Немам соговорници

Доктори велат, кога ќе почниш да го губиш паметот еден добар лек било да се социјализираш, да се дружиш со луѓе, и најглавно да разговараш. Си велам, дај и јас да почнам така пред да ми отиде паметот. Али не сум знаел дека тоа ти било толку тешко во ова време. Ево неколку примери.

Се сретнувам со Спире (сите имиња се измислени) на кафе. Штом Спире ќе ја отвори устата, запирање нема. Спире е од оние што знаат се, и во животот поминал работи што никој друг не ги поминал. Кога ќе земи голтка од кафето, си велиш дај и јас да вметнам барем една реченица. Ама џабе! Ќе те преќини и ќе ти речи, чекај уште ова да ти го докажам. И така поминал цел саат. И ти кутриот немаш друг избор освен да му се извиниш, извини јас треба да го земам внукот од градинка, и да си заминиш. Сигурно и вие сте имале слично искуство.

Идната недела се сретнувам со Гога, школски другар. Гога ужива да разговара за политика. Али секој трет збор му е некоја убава пцовка, да се изнаслушаш. За него политиката е само за пцуење. Нема што да се разговара.

Идната недела се сретнувам со Јордан, долгогодишен комшија. На Јордана му го купиле првиот смартфон само пред 6 месеци, и сега човекот не можит никако да се откачит од фејсбук, јутуб и гледање на голи женски. Штом седниш на маса, веднаш ќе ти го вперит мобилниот пред очи и со сила те тера да гледаш во него: еј.., види што прочитав интересно на ФБ, види го клипов на Јутуб колку интересно човекот кажува, видија ова женскава, пријателка ми е на Фејсбук од Неготино. Не сака ни збор да чуе од тебе. Штом ќе заврши со неговата презентација, ќе ти се извини и ќе си замине.

Ти седиш на маса и чекаш да не наврати некој друг пријател. За среќа ете го Миле. Миле се смета за многу интелигентна личност. Вели, тој не верува во ништо ако не е докажано од многу познати, паметни луѓе. Демек, нешто кажано од многу позната паметна личност не може да биде лага. Си велам, ево на крај ќе поразговарам се некој паметен. Проблемот на Миле е тоа што тој уште од давно науката и критичкото размислување ги фрлил на буниште. Ќе те убедува дека моментално на земјава има дојдено едно чудо вонземјани и тие прават секакви бељи. Или дека некој доктор во Јапонија лечел од рак со сода бикарбона. Или дека некој француски нобеловец рекол дека сите вакцинирани против КОВИД-19 ќе умрат за две години и нивните тела мора да бидат изгорени. Тој е убеден во сето ова само бидејќи било кажано од многу позната и паметна личност. Ај сега да те видам со здрав разум разговарај со Милета?

Значи, по се изгледа јас полека, полека ќе си го изгубам паметот само немајќи со кого да разговарам.

Закон за употреба на македонскиот јазик

Идејата за заштита на македонскиот јазик со закон од негова неправилна употреба е глупава и главно неостварлива. Идејата дека државата ќе ко...