Showing posts with label Трајко Китанчев. Show all posts
Showing posts with label Трајко Китанчев. Show all posts

August 25, 2026

Еден настан од животот на Подмочанецот Трајко Китанчев

 Од март 1881 до септември 1882 Трајко учителствувал во Петропавловската духовна семинарија во Велико Трново. Таму предавал логика, психологија, педагогика, историја на уметноста и философија. Штом се вработил тој ги обавестил родителите Цветко и Цвета во Ресен и го поканил татка си да го посети. Од Ресен до Петропавловската семинарија требало да има 10-12 дена пат пешки, али тоа не го запрело таткото, кој постојано патувал долги релации Ресен - Цариград за прехрана на своето семејство. Кога се приближил до семинаријата, Цветко облечен во обична селска облека, си ја истресил прашината од облеката и се приближил до местото каде стоиле учениците. Некој од нив го прашал кој е и што му треба таму. Старецот се збунил и тешко му било да одговори. Не можел да поверува дека неговиот Трајчо, кој како десетгодишно дете во Цариград продаваше зарзават со кош на рамо, сега има големо место во семинаријата. Цветко не можел да си поверува дека неговиот Трајчо може да биде учител и да учи други наука. На учениците им рекол дека го бара момчето Трајчета. Некои од учениците не можеле да разберат за кој Трајчо се работи, и го прашале кој е тој Трајчо и што му е тој на Трајчо. За да не го понижува сина си, на учениците им рекол дека тој е слуга на Трајчо. После една минута го видел сина си, и неговата радост немала крај. Со очи полни со солзи, тој од радост и од плачење не можел да му одговори на сите прашања на сина си за состојбите на домашните. Цветко го прашал, каква му е платата, Трајко му објаснил. - Ех, палај се во Бугарија, извикнал таткото, кога се зачудил од големата плата на син му. Месечната плата на Трајко била иста како годишната заработувачка на таткото. Сега да напоменам дека Подмочани од секогаш било село на „даскали“: 1. Ѓорѓи Ивановски (од семејството Белевци), учител во Подмочани пред Втората светска војна и член на Првото и Второто заседание на АСНОМ. 2. Науме Ристевски - син на попот Спиро Ристевски од Подмочани беше учител во село Лева Река од 1933г. 3. Владе Шарковски - Директор на основното училиште Јан Амос Коменски во Скопје. 4. Данче Стојановски (Кромичевски) - учител во Подмочани. 5. Наум Пеликудовски - професор во гиманзијата во Крушево. 6. Јагода Митревска, мажена во Подмочани, професор на Меѓународниот Славјански Универзитет, и 7. јас, Гоце Митревски, професор на три универзитети во САД. Се надевам дека младата генерација од Подмочани ќе ја продолжи традицијата.

December 18, 2025

Една вистинска случка од животот на Подмочанецот Трајко Китанчев

 Ова е една вистинска случка од животот на мојот омилен поет, Подмочанецот Трајко Китанчев.

Трајко са родиу на 1 септембар 1858 година во мото село Подмочани. Учиу во Бугарски школи во Подмочани, Ресен и во Цариград. Пото станау многу важен чек во Бугарија. Биу учитеу во многу школи во Бугарија. Биу учитеу и во црковната машка гимназија Св. Кирил и Методи во Солун. Сите од негото време таму зборват дака за држејне говори никого не го бивало ко Трајка. Во то време во Солун имало многу лујѓе од Преспава. Тој редовно држеу говори кога имало собири. Една година ко биу учитеу во та гиманзија имало прослава за празникот Св. Кирил и Методиј, са собрале едно чудо учени лујѓе, политичари, амбасадори и кој не, ама и стотици негој од Преспа. Пред да го почнит говорот Трајко са мислит: Сега да му зборвам на лујѓево учено, литературно по Бугарски, или „по наше“ за пубо да ма разберат мојве од Преспа. Са одлучиј да зборвит по Преспански. Ко завршиу, ракоплескајнето од Преспанци никако да заприт.

Ова мене лично ме потсетува на еден сличен случај со мене. Моето образование после 8-мо одделение во Подмочани беше во САД. Во далечната 2002/2003 година бев на истражување во Македонија преку американската државна фондација Fulbright. Требаше да држам предавање во МАНУ. Немаше многу посетители, можеби петнаесетина. Ама сите академици, професори или студенти. Пред да почнам, се прашувам, како да им се обратам? Не знам дали сите разбираат Англиски, а на литературен Македонски не сум способен. Се решив да ги прашам: сакате на Англиски или на Преспански? Сите рекоа на Преспански, и така бидна. На крајот на предавањето ми се обрати една студентка, со потекло од Подмочани, ќерка на мој пријател од детството. Ми се заблагодари што и дадов можност да слуша предавање на нејзиниот мајчин дијалект.

За македонскиот менталитет

Еве една доста реална слика за македонскиот менталитет. Ние што сме живееле во странство подолги години велиме, зошто, земи го истиот човек...