August 25, 2026

Еден настан од животот на Подмочанецот Трајко Китанчев

 Од март 1881 до септември 1882 Трајко учителствувал во Петропавловската духовна семинарија во Велико Трново. Таму предавал логика, психологија, педагогика, историја на уметноста и философија. Штом се вработил тој ги обавестил родителите Цветко и Цвета во Ресен и го поканил татка си да го посети. Од Ресен до Петропавловската семинарија требало да има 10-12 дена пат пешки, али тоа не го запрело таткото, кој постојано патувал долги релации Ресен - Цариград за прехрана на своето семејство. Кога се приближил до семинаријата, Цветко облечен во обична селска облека, си ја истресил прашината од облеката и се приближил до местото каде стоиле учениците. Некој од нив го прашал кој е и што му треба таму. Старецот се збунил и тешко му било да одговори. Не можел да поверува дека неговиот Трајчо, кој како десетгодишно дете во Цариград продаваше зарзават со кош на рамо, сега има големо место во семинаријата. Цветко не можел да си поверува дека неговиот Трајчо може да биде учител и да учи други наука. На учениците им рекол дека го бара момчето Трајчета. Некои од учениците не можеле да разберат за кој Трајчо се работи, и го прашале кој е тој Трајчо и што му е тој на Трајчо. За да не го понижува сина си, на учениците им рекол дека тој е слуга на Трајчо. После една минута го видел сина си, и неговата радост немала крај. Со очи полни со солзи, тој од радост и од плачење не можел да му одговори на сите прашања на сина си за состојбите на домашните. Цветко го прашал, каква му е платата, Трајко му објаснил. - Ех, палај се во Бугарија, извикнал таткото, кога се зачудил од големата плата на син му. Месечната плата на Трајко била иста како годишната заработувачка на таткото. Сега да напоменам дека Подмочани од секогаш било село на „даскали“: 1. Ѓорѓи Ивановски (од семејството Белевци), учител во Подмочани пред Втората светска војна и член на Првото и Второто заседание на АСНОМ. 2. Науме Ристевски - син на попот Спиро Ристевски од Подмочани беше учител во село Лева Река од 1933г. 3. Владе Шарковски - Директор на основното училиште Јан Амос Коменски во Скопје. 4. Данче Стојановски (Кромичевски) - учител во Подмочани. 5. Наум Пеликудовски - професор во гиманзијата во Крушево. 6. Јагода Митревска, мажена во Подмочани, професор на Меѓународниот Славјански Универзитет, и 7. јас, Гоце Митревски, професор на три универзитети во САД. Се надевам дека младата генерација од Подмочани ќе ја продолжи традицијата.

No comments:

Post a Comment

За пренесувањето на Самоиловата плоча во Битола

  Во еден пост од January 12, 2020 во групата „Мојата Преспа...“, господинот Metodija Jonovski пишува за царските гробници на островот Ахил...