Дали Торбешите се посебен етникум, или само специфична културно-религиска заедница во рамките на македонската нација? Дали државата треба уставно да го легализира етникумот Торбеши? Констатацијата на Академикот Ќулавкова е дека Торбешите не се посебен етникум, него се само дел од македонскиот народ, македонската нација, само со исламска вероисповед. Ќулавкова го оправдува нејзиното мислење со нејзина измислена тероја за значењето на терминот „етникум“. Моите коментари ќе ги поткрепам со концептот на „замислени заедници“, развиени од Бенедикт Андерсон во неговата книга „Замислени заедници: Размислувања за потеклото и ширењето на национализмот“. Се однесува на идејата дека нацијата е општествено конструирана заедница, замислена од луѓе кои се перцепираат себеси како дел од уникатна споделена група. Андерсон тврди дека нациите, како што е и македонската нација, се „замислени“ затоа што тие споделуваат ментална слика за нивната заедница и колективен идентитет. Просто речено, ако група на луѓе се замислуваат себеси како посебен народ, или посебна нација тие се посебен етникум, и толку. За такво чувство не им треба оправдување пред историчари, академици или власти. Али според Ќулавкова, треба да има одредени критериуми за постоење на некој посебен етникум, како например посебен јазик, обичаи, историски континуитет, итн. Според Ќулавкова Торбешите не ги поседуваат овие критериуми за да бидат дефинирани како посебен етникум, бидејќи единствената ралика меѓу Торбешите и Македонците е во тоа што Торбешите се со исламска вероисповед. Додека Торбешите велат дека има и други разлики, како например во нивниот јазик, обичаи и историски континуитет, и што е најважно, тие се чувствуваат како посебен етникум. Што се однесува до јазикот, Ќулавкова вели дека единствената разлика е само во голем број изрази поврзани со исламската религиска прагматика, но тоа не било доволно за да се диференцира јазикот на Торбешите како различен од македонскиот јазик. Јас не сум лингвист за да можам да различам кога некоја форма на некој стандарден јазик се разликува од него за да се дефинира како посебен јазик. Само знам дека пред не многу години во Црна Гора се зборуваше на српски јазик и тој јазик беше стандарден јазик во државата. А сега таму се зборува на црногорски јазик. Мојот преспански јазик многу се раликува од стандардниот македонски јазик и од јазикот во многу делови во Македонија, тоа може, али не мора да биде диференцијазија на Преспани како посебен етникум. Значи, јазикот на една група луѓе на кој тие зборуваат не мора да биде критериум за диференцијација на нивниот етникум. Исто така, овде можеме да направиме споредба со констатацијата на Бугарија, дека не е можно Македонците да бидат посебен етникум, бидејќи македонскиот јазик бил само некој дијалект на бугарскиот. Ќулавкова исто ја оспорува тезата за автохтоноста и посебноста на Торбешите во континуитет од десетина века, од 10 век до денес. Што се однесува до нивниот етникум, тоа е нивно лично мислење и чувство и не мора да има никаква историска поткрепа, како што нема никаква историска поткрепа за мислењето и чувството на многу Македонци денес дека автохтоноста и посебноста на денешните Македонци е во континуитет од времето на Александар Македонски. Да речеме, дошол некој Африканец од Нигерија во Македонија, тука живеел 50 години, зборува на чист стандарден македонски јазик, некој го прашал, што си ти по националност? Тој одговара - Македонец. Што има тука спорно, така човекот се чувствува. За Ќулавкова ова не би било доволно. Човекот треба да каже точно од кое племе од Нигерија тој потекнува, бидејќи таму има стотици племиња, и дали неговото племе е уставно легализирано како етникум во неговата држава. Она што е најмногу опасно од тезите на Ќулавкова е тоа дека постоењето на некој етникум мора да биде историски и научно оправдано без разлика на чувството на членовите на тој етникум, дека барањето уставно да се легализира етникумот Торбеши може да доведе до негативни последици, дека тоа ќе доведе до дезинтеграција на македонскиот национален ентитет, дека ќе доведе до сецесија на македонската нација врз етнички начела, тие се дел од македонската општествена, културна и религиска реалност и затоа треба да се признаат само како специфична културно-религиска заедница во рамките на македонската нација, а не како посебен етникум. Ова многу ми наликува на односот на Бугарија према македонскиот идентитет и македонскиот јазик, во Македонија нема Македонци, само македонски Бугари, македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот, и тоа е доволно да нема потреба да се признава меѓународно ниту македонската нација, ниту македонскиот јазик. Колку што ова мислење на Бугарија е навредливо за нас Македонците, толку треба мислењето на Ќилавкова, нарочито како академик, треба да биде навредливо за Торбешите.
https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/povelbata-za-identitetot-na-makedonskite-torbeshi-vo-kontekst-na-multireligiskiot-i-multietnichkiot-koncept-na-drzhavata/
No comments:
Post a Comment