August 24, 2026

За стипендии

 Овде би сакал да се осврнам на колумната на професорот Венко Андоновски во весникот „Нова Македонија“.

Во оваа колумна професорот го фокусира проблемот во денешниот образовен систем во немањето „државни стипендии“, како што имало во негово време кога тој бил студент. Професорот се залагал да се доделуваат добри стипендии во ранг на просечна плата, и гаранција за неговиот корисник да има загарантирано работно место, али неговите предлози биле доживеани како екстравагантни. Професорот, кој веќе живеел во тој свет во кој тоа било реалност, сега тој бара да се врати тој истиот свет. Тој вели, „Како е можно, ако во тој вчерашен свет достоинствената стипендија била реална работа колку што бил и реален поимот „коњ“ (постоел коњ), сега, одеднаш, само еден ден подоцна, во новиот свет таа да стане имагинарна?“ Тој исто вели дека бесперспективноста на младите луѓе во добар дел се должи токму на отсуството на стипендии. Професорот вели дека тоа што денешните студенти стануваат „печалбари“ во добар дел се должи токму на отсуството на стипендии. Професорот копнее по старите добри времиња на социјализмот, кога студентите добиваа стипендии во ранг на плата, имаа загарантирано работно место, а некои од нив добиваа и станови „од работа“.
Како прво, на професорот сигурно му е јасно дека од времето на социјализмот до денес не е „само еден ден подоцна“, него поминале неколку децении. Сакале ние или не сакале, времињата се менуваат, економски и културни системи се менуваат, а ние имаме избор или да се прилагодуваме кон тие измени, или да продолжиме да живееме во фантазиите од тие далечни добри времиња со надеж дека можеби еден ден тие ќе се вратат, кога студентите ќе добиваат стипендии во ранг на плата, ќе имаат загарантирано работно место, некои од нив ќе добиваат и станови, и нема да има потреба да стануваат постмодерни печалбари. Со тие стипендии нивната мисла ќе биде: „Кога ќе завршам, мора да станам некој и нешто“, а не „Кога ќе завршам, мора да се вработам“. И на крај „Само така може да се стимулираат младите да си го изучуваат и да го чуваат мајчиниот јазик во време на лингвистички империјализам“.
Тие времиња нема никогаш да се вратат, тоа што било реалност во минатото не може никогаш да се врати во денешницата. Апсурдно е да се копнее по нешто, што во денешно време е чиста фантазија - таа е реалноста. Ако професорите како професорто Андоновски сакаат да придонесат нешто кон образованието тие прво треба да се соочат со оваа реалност.
Во секој образовен систем засегнати се општеството, државата, професорите, студентите и родителите, и секој од нив си има има своја улога. Точно е дека во социјалистичкиот систем главната улога и терет беше на државата. Колку тој систем беше ефективен е прашање. Некои, како професорот Андоновски, што го поминале образованието преку тој систем го сметаат идеален ако фокусот е само на доделување на стипендии. А каква беше улогата на професорите во тој систем? Докторираш, се вработуваш, имаш загарантирано работно место за цел живот, али треба да бидеш послушен кон државата. Професорот Андоновски вели дека денес послушен партиски војник добива што сака, непослушен интелектуалец не е заслужен за ништо и никогаш. Мислм дека и во тоа време непослушни интелектуалци не само што не добиваа ништо, него заслужуваа и затворски казни. А каков беше нивниот однос према студентите? Сигурно многу од тие студенти од генерацијата на професорот Андоновски се сеќаваат како стоеја на ред пред кабинетот на професорот пред испит тресејќи се од страв. Јас како визитинг студент од Америка имав прилика да студирам на УКИМ во далечната 1974-1975 година на Катедрата за македонски јазик. Покојниот професор Блаже Конески беше единствениот што навистина предаваше простум пред табла. Секој друг ќе влезеше во предавална, ќе седнеше на стол, ќе отвореше некоја негова книга, ќе читаше 45 минути и ќе си заминеше. По мое лично мислење, со искуство од предавање на три универзитети во Македонија, најглавната вина за недостатоците во македонскиот образовен систем е кај самите професори, кои со исклучоци имаат многу малку почит кон нивната улога и професија. Таа е единствената причина зошто никој универзитет ог Македонија не е на никаја листа на најрангирани универзитети.
Професорот Андоновски вели дека „Капитализмот не сака да знаеш и да размислуваш“. Ова е навистина бесмислен коментар. Доволно е само човек да направи една многу мала споредба на универзитети од капиталистички држави со тие од социјалистичките да види дека тоа не е така, него баш обратно. Затоа секоја година стотици студенти од Македонија преферираат да студираат на универзитет од некој од тие развиени капиталистички држави. Капитализмот просперира само со знаење, само со знаење се измислуваат нови технологии и капитализмот и државите просперираат. Прашајте го Елон Маск дали би вработил во неговата фабрика Тесла или во фабриката за вселенски ракети некого што нема знаење.
Што се однесува до идејата дека со стипендии младите ќе се стимулираат да го чуваат мајчиниот јазик во време на лингвистички империјализам, младите 500 години живееја во време на турски лингвистички империјализам и не си го заборавија македонскиот јазик - и тоа без стипендии! Колумната на професорот Андоновски дава импресија дека залудно е да се размислува за подобрување на македонскиот образовен систем без враќање назад кон некој романтизиран социјалистичкиот систем. Се надевам дека младата генерација на професори и студенти не се со исто мислење, дека тие можат многу добро да се образуваат и без целосна финансиска поддршка од државата. Науката нема граници, не препознава политички системи. Доволно е само да се има желба за знаење.
https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/ednorogot-narechen-stipendija/

No comments:

Post a Comment

Колку е ниско паднато „високото“ образование во Македонија

  Во весникот „Нова Македонија“ професорката Солза Грчева пишува за тоа колку е ниско паднато „високото“ образование во Македонија. За се ја...