November 21, 2023

За реконструкција на училиштето во с. Љубојно

Сега веќе ја добивме крајната цена за реконструкција на ова училиште во Љубојно, цели 32.8 милиони денари! Не сакам да бидам сфатен погрешно, јас сум од Преспа и ме радува секаква инвестиција за разубавување на овој крај. 

Овој проект би сакал да го проанализирам од поширока гледна точка, што се однесува до неговата практична вредност за лингвистите, за промоција на македонскиот јазик и за државата. Овој проект има повеќе сентиментална вредност за тие што памтат кога учеле таму, има минимална историска вредност дека беше второ училиште после војната со настава на македонски јазик, а скоро никаква практична вредност за денес и за во иднина. 

Што се однесува до обновувањето, или реновирањето на школото, како што се гледа на фотографијата таму навистина нема што да се обнови, бидејќи таму нема ниту покрив, ниту четири здрави целосни ѕида. Целиот објект ќе треба да се руши и да се изгради сосема нов. На интернет има фотографии од проектот, според тој проект објектот нема да има ниту сличен изглед на сегашниот. Што се однесува до сентименталната вредност, верувам дека има многу, многу други културни објекти низ државите што исто така имаат сентиментална вредност за жителите на тие места. И зошто да се вложи ваква огромна сума само за реновирање на само еден таков објект? На пример, и ние во Подмочани имаме старо училиште со сентиментална вредност на кое му треба реновирање. Пред Втората светска војна во ова училиште предаваше тајно на македонски јазик Петар Здравковски - Пенко. Кога доаѓала инспекција во школото, Пенко им велел на учениците да ги кријат македонските книги во торбите. После војната Пенко беше Генерален секретар на Владата на СРМ, Претседател на Советот за просвета на НРМ и Претседател на Универзитетскиот совет и амбасадор во неколку земји. 

Министерката за култура вели дека идејата е овој објект да стане собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик, и по неговото обновување, овој објект ќе биде „Центар за промоција на македонскиот јазик“. Во врска со ова, едно прашање е, дали воопшто има практична потреба во државата од додатен објект како собиралиште за овие луѓе? Во државата има неколку катедри за македонски јазик каде овие луѓе може да се соберат и да го промовираат македонскиот јазик. За такви собири исто ги имаме Институтот за македонски јазик и Конгресниот центар во Охрид, каде со децении се собирале лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик. Каква улога би имал објектот во Љубојно што не може да се обезбеди во овие други места? 

Второ прашање е, кога се размислуваше за обнова на објектот во Љубојно, дали иницијативата беше покрената од лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик дека имаат практична потреба баш од овој објект во Љубојно, или иницијативата беше покрената само од Министерството за култура без консултации со нив? Ако е второто, како Министерството за култура ќе биде убедено дека штом школото се изгради ќе биде употребувано од засегнатите?

Селото Љубојно се наоѓа во пазувите на Баба планина, оддалечено од Скопје околу 200 километри. Селото има само околу 10-15 семејства што живеат таму постојано. Ако се планираат било какви собири во школото, лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик ќе треба да патуваат од Скопје. Во Љубојно нема ниту ресторани, ниту хотел за престој на поголема група. Ако овие луѓе имаат избор за собир во Љубојно, или пак во Охрид во Конгресниот центар покрај Охридското езеро, за каде би се одлучиле? И што ако објектот се изгради, а нема кој да го употреби? 

Сумата од 32.8 милиони денари е само за реконструкција на школото. Штом школото ќе се пушти во употреба ќе мора да се вработи барем еден човек кој ќе треба да го одржува објектот. Дали Министерството за култура се обврзува да го подржува проектот финансиски од година на година?

Ако главната цел на објектот, како што е замислен од Министерството за култура е за собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик и за промоција на македонскиот јазик, со олкава  голема сума од 32.8 милиони денари можеше да се финансираат неколку проекти со вистинска практична вредност за нив. Еден многу важен таков проект би бил изработка на национален јазичен корпус на македонскиот јазик. Да напоменам дека Македонија е единствената држава во Европа што нема свој национален јазичен корпус. За таков проект потребна е само една соба и еден сервер во некоја институција, и минимум тројца вработени. Собата може да се обезбеди во Институтот за македонски јазик. Веќе е планирано во истиот Институт да се вработат неколку нови соработници, доволно е тројца од нив да бидат наменети за корпусот. Со сума од 32.8 милиони денари може да се основа корпусот и да продолжи да работи без други финансиски средства за следните 10 години. 

На крај, се прашувам, ако Министерството за култура би направила анкета меѓу лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик, дали претпочитуваат сумата од 32.8 милиони денари да се намени за обнова школото во Љубојно, или за основање на национален јазичен корпус, убеден сум дека би го претпочитале вториот избор. Еден таков корпус би бил виртуално собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори не само од Македонија, него и од целиот свет, и ќе биде вистинско и практично место за промоција на македонскиот јазик.




No comments:

Post a Comment

Закон за употреба на македонскиот јазик

Идејата за заштита на македонскиот јазик со закон од негова неправилна употреба е глупава и главно неостварлива. Идејата дека државата ќе ко...