Авторката вели дека не треба да ги заборавиме тие што беа постаменти на нашата национална македонска култура, и споменува имиња на неколку од тие дејци. Се жали дека немало одбележувања за нив, бидејќи само со такви одбележувања ќе сме им даделе почит на нивниот придонес во нашата култура.
Во македонската култура обично почит и одбележување се дава на некоја годишнина, обично од кога човекот се родил или починал. На пример, ланската година беше одбележана стогодишнината од раѓањето на Конески. Во истата година навршија и сто години од раѓањето на други не помалку важни дејци, али за нив немало чествување.
Тука би сакал да го изјаснам моето лично мислење во врска со такви одбележувања. Точно е дека македонската култура перманентно ги заборава нашите великани. Али се прашувам, дали одбележувањето на некоја нивна годишнина е погоден начин како да не се заборават нивните придонеси? Сум учествувал на неколку такви собири, и одбележувањето обично се состои со некој собир во некоја институција, со присуство на нивни современици и дејци од културата, читање на неколку реферати, проследено со убав коктел, и толку! А македонските граѓани дознаваат за собирот само следниот ден. Истото се повторува на следната годишнина.
Во август ланската година во селото Љубојно, оддалечено само десетина километри од мојот дом, имаше манифестација посветена на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески. Во октомври истата година во рамки на шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во Љубојно беше одржана 25-тата манифестација „Денови на Благоја Корубин“. Со настанот беа одбележани и сто години од раѓањето на Корубин. И за оваа манифестација јас дознав од медиумите само следниот ден.
Блаже Конески ми беше професор, а во Институтот за македонски јазик сум истражувал една година. Колку што ми е познато, од цела Преспа единствен посетител на манифестацијата беше само градоначалникот со неговата свита. Со овие примери сакам да нагласам дека заборавот на постаментите на нашата култура не се лечи само со некој собир од неколку академици и политичари.
Пред многу години, на еден таков собир во Скопје разговарав со еден постар посетител академик. Ми вели, фала богу има вакви собири и чествувања од време на време за да можеме да се сретнеме и поразговараме со пријатели. За жал, таква е реалната улога на чествувањата во Македонија, и тоа во никој случај не придонесува кон зачувување од заборав на делата на великаните што најмногу придонеле за македонската посебност.
Вчера во Струга имав огромна чест да се сретнам и да разговарам со Јован Стрезовски, еден од нашите уште живи (има 91 година) великани постаменти. Човекот е жива историја. Зошто да чекаме да почини за да почнеме да го славиме на неговите годишнини. Би ги прашал тие што организираат собири за годишнини, кога последен пат отишле да го посетат Стрезовски во неговиот дом со прекрасен двор на обалата на езерото? Писателот и новинар Томислав Османли вели „Најкрупната мана на македонската култура е што перманентно ги заборава нашите великани“. За жал тоа е точно не само за починатите него и за живите.
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/najkrupnata-mana-na-makedonskata-kultura/
No comments:
Post a Comment