Денес читам, Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на посетата на Јордан, се сретна со министерот за земјоделство, со кого потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Македонија и Владата на Јордан за соработка во областа на земјоделството.
Овде сакам да се осврнам на концептот и значењето на „Меморандум за разбирање“. Ако сакате да го пребарате овој термин во Гугл ќе добиете 16,500 резултати од Македонија. Можете да си замислите колку вакви меморандуми се потпишани од страна на државни установи, министри, итн. Читајќи вакви слични изјави, можеби же се прашате што точно значи концептот меморандум за разбирање. Не би сакал да ве разочарам, али морам да ви кажам дека тој термин нема апсолутно никакво практично значење. Значи, ни едната ни другата страна немаат апсолутно никаква обавеза за ништо!
Во овој случај ќе имало зголемување на извозот на овошје, зеленчук и јагнешко месо од Северна Македонија во Јордан, а од Јордан зголемување на увоз на маслиново масло и урми во Северна Македонија. Со меморандумот за разбирање ни едната ни другата страна не се обавезни да ги увезуваат овие продукти. Министерството за надворешни работи не може да му нареди на некое претпријатие во Македонија да ги увезува овие продукти, ако истите ги има за поевтина цена од некоја друга држава. Исто така, никој не му спречува на било кое претпријатие да увезува или извезува било што од или во Јордан, без да бара дозвола од Министерството за надворешни работи. И Јордан и Македонија се членки на Светската трговска организација, каде има правила за трговија помеѓу нејзини члени. Така да не значи дека пред потпишувањето на овој меморандум трговците во двете земји немаа право да тргуваат едни со други. Мислам дека ова ви е јасно.
Тогаш, која е целта на потпишување на вакви меморандуми? Тоа е само една убаво спакувана политичка реклама. Не дека македонските производители на зеленчук и месо за скоро време раце ќе тријат од радост. Владата секогаш мора да ги убедува граѓаните дека работи 24/7 за подобрување на нивниот живот, и ова е еден таков начин без да има било каква обавеза да ги оствари договорите од меморандумот.
Слични меморандуми се среќаваат и на веб страниците на приватните универзитети. Универзитетот во Македонија потпишал некој меморандум за соработка со некој врвен универзитет низ светот. Како тоа се случило? Ректорот на тој универзитет отишол на прошетка до Лондон, се сретнал со ректорот на некој тамошен универзитет, пиеле кафе, поразговарале, и нашиов му вели на нивниот, дај ако не ви е мака да потпишеме меморандум за соработка. А овие од Лондон веќе имаат стандардна форма за такви меморандуми, изгледаат многу убаво, формално и со убав златен печат, само треба да се смени името на универзитетот, да се потпише, и толку.
Нашиов се враќа во Македонија и веднаш дава изјава за македонските медиуми, како неговиот приватен универзитет потпишал меморандум за соработка со врвен универзитет во Лондон. Меморандумот се објавува на веб страната на универзитетот, и нивните студенти се гордеат што студираат на универзитет што соработува со врвен универзитет во Лондон. Исто и убава реклама за универзитетот.
No comments:
Post a Comment