November 21, 2023

За реконструкција на училиштето во с. Љубојно

Сега веќе ја добивме крајната цена за реконструкција на ова училиште во Љубојно, цели 32.8 милиони денари! Не сакам да бидам сфатен погрешно, јас сум од Преспа и ме радува секаква инвестиција за разубавување на овој крај. 

Овој проект би сакал да го проанализирам од поширока гледна точка, што се однесува до неговата практична вредност за лингвистите, за промоција на македонскиот јазик и за државата. Овој проект има повеќе сентиментална вредност за тие што памтат кога учеле таму, има минимална историска вредност дека беше второ училиште после војната со настава на македонски јазик, а скоро никаква практична вредност за денес и за во иднина. 

Што се однесува до обновувањето, или реновирањето на школото, како што се гледа на фотографијата таму навистина нема што да се обнови, бидејќи таму нема ниту покрив, ниту четири здрави целосни ѕида. Целиот објект ќе треба да се руши и да се изгради сосема нов. На интернет има фотографии од проектот, според тој проект објектот нема да има ниту сличен изглед на сегашниот. Што се однесува до сентименталната вредност, верувам дека има многу, многу други културни објекти низ државите што исто така имаат сентиментална вредност за жителите на тие места. И зошто да се вложи ваква огромна сума само за реновирање на само еден таков објект? На пример, и ние во Подмочани имаме старо училиште со сентиментална вредност на кое му треба реновирање. Пред Втората светска војна во ова училиште предаваше тајно на македонски јазик Петар Здравковски - Пенко. Кога доаѓала инспекција во школото, Пенко им велел на учениците да ги кријат македонските книги во торбите. После војната Пенко беше Генерален секретар на Владата на СРМ, Претседател на Советот за просвета на НРМ и Претседател на Универзитетскиот совет и амбасадор во неколку земји. 

Министерката за култура вели дека идејата е овој објект да стане собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик, и по неговото обновување, овој објект ќе биде „Центар за промоција на македонскиот јазик“. Во врска со ова, едно прашање е, дали воопшто има практична потреба во државата од додатен објект како собиралиште за овие луѓе? Во државата има неколку катедри за македонски јазик каде овие луѓе може да се соберат и да го промовираат македонскиот јазик. За такви собири исто ги имаме Институтот за македонски јазик и Конгресниот центар во Охрид, каде со децении се собирале лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик. Каква улога би имал објектот во Љубојно што не може да се обезбеди во овие други места? 

Второ прашање е, кога се размислуваше за обнова на објектот во Љубојно, дали иницијативата беше покрената од лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик дека имаат практична потреба баш од овој објект во Љубојно, или иницијативата беше покрената само од Министерството за култура без консултации со нив? Ако е второто, како Министерството за култура ќе биде убедено дека штом школото се изгради ќе биде употребувано од засегнатите?

Селото Љубојно се наоѓа во пазувите на Баба планина, оддалечено од Скопје околу 200 километри. Селото има само околу 10-15 семејства што живеат таму постојано. Ако се планираат било какви собири во школото, лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик ќе треба да патуваат од Скопје. Во Љубојно нема ниту ресторани, ниту хотел за престој на поголема група. Ако овие луѓе имаат избор за собир во Љубојно, или пак во Охрид во Конгресниот центар покрај Охридското езеро, за каде би се одлучиле? И што ако објектот се изгради, а нема кој да го употреби? 

Сумата од 32.8 милиони денари е само за реконструкција на школото. Штом школото ќе се пушти во употреба ќе мора да се вработи барем еден човек кој ќе треба да го одржува објектот. Дали Министерството за култура се обврзува да го подржува проектот финансиски од година на година?

Ако главната цел на објектот, како што е замислен од Министерството за култура е за собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик и за промоција на македонскиот јазик, со олкава  голема сума од 32.8 милиони денари можеше да се финансираат неколку проекти со вистинска практична вредност за нив. Еден многу важен таков проект би бил изработка на национален јазичен корпус на македонскиот јазик. Да напоменам дека Македонија е единствената држава во Европа што нема свој национален јазичен корпус. За таков проект потребна е само една соба и еден сервер во некоја институција, и минимум тројца вработени. Собата може да се обезбеди во Институтот за македонски јазик. Веќе е планирано во истиот Институт да се вработат неколку нови соработници, доволно е тројца од нив да бидат наменети за корпусот. Со сума од 32.8 милиони денари може да се основа корпусот и да продолжи да работи без други финансиски средства за следните 10 години. 

На крај, се прашувам, ако Министерството за култура би направила анкета меѓу лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик, дали претпочитуваат сумата од 32.8 милиони денари да се намени за обнова школото во Љубојно, или за основање на национален јазичен корпус, убеден сум дека би го претпочитале вториот избор. Еден таков корпус би бил виртуално собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори не само од Македонија, него и од целиот свет, и ќе биде вистинско и практично место за промоција на македонскиот јазик.




January 3, 2023

За проектот „Ракописи стари 500 години од Институтот за македонски јазик“

 Последните неколку дена во македонските медиуми се шират информации за тоа како „Ракописи стари 500 години од Институтот за македонски јазик со дигитализација се спасени од пожар и вода“. Станува збор за проект на Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој го изработи фирмата „Инбокс“. Изјавата за овој проект во сите медиуми беше скоро иста со мали разлики, што значи дека сигурно била напишана од вработени во Институтот и во фирмата Инбокс и дистрибуирана по медиумите. На сајтот на Институт за македонски јазик нема информации поврзани со овој проект. Најновата изјава во Актуелности на сајтот е од 20/10/2020. Овде би сакал да објаснам за што точно се работи, и моите мислења во врска со вредноста на овој проект. 

Во овој проект потрошени се 5.000.000 денари, или 82.000 евра.

Да почнеме со насловот „Ракописи стари 500 години...“. Овој проект нема никаква врска со никакви ракописи, камоли ракописи стари 500 години, него се работи за дигитализација и преснимување на микрофилм на картотеки со јазични записи. Проектот е многу добро и детално објаснет во весникот „Сакам да кажам“. Картотеката е обична кутија полна со картички со впишани податоци за некој збор. Еве еден пример од таква картичка кај ИМЈ. 

На картичката е напишан зборот и податоци за изворот. Почнувајќи некаде од 50-ите години во претходниот век, пред да има компјутери, вработени во Институтот пишувале на вакви картички со машини за печатење, и на крај биле собрани околу 5 милиони такви картички. Овие картички обично им служат на вработените за пишување на речници. Во овој проект секоја картичка е дигитализирана и зачувана во pdf формат, а истовремено и преснимена на микрофилм.

Директорот  Јорданчо Митровски од „Инбокс“ објаснува: „...микрофилмот како стандард постои повеќе од 50 години, тој трае и до 500 години. За читање на микрофилмот потребно е само лупа и е тежок за уништување. Тој вид на материјал го создадовме за да има копија во секое време. Од друга страна пак, тој не е оперативен, не може да се користи во секојдневна употреба, единствено што може да се запали или да се изгребе. Затоа и предложивме, согласно најновите технологии што се достапни на пазарот, да се направат дигитални оригинали.“ Прашање е дали микрофилмот трае до 500 години. Микрофилмот е обична пластика која со време многу лесно се распаѓа, не верувам дека во сегашно време тој е стандард, и не верувам дека по 500 години ќе е можно да се најди и читач за микрофилм. Мое лично мислење е дека самата хартиена форма на картичката би била подолготрајна и многу полесна за читање, така да подобро би било да се најди начин да се зачуваат самите хартиени картички во безбедно место, него да се преснимуваат на микрофилм.

Сега во врска со дигиталната форма. Тука се работи за медиум, самата картичка, и податокот впишан во медиумот-картичката. Во овој проект вработените во ИМЈ и во Инбокс одлучиле да се фокусираат во зачувување на медиумот, али за лингвистички истражувања вредноста не е во самиот медиум, него во податокот впишан во медиумот, истовремено да има лесен пристап до тој податок од било кого од било каде. Од Инбокс објаснуваат: „Благодарение на проектот за дигитализација на картотеките на Институтот, документите веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари. Вработените и научниците нема да имаат потреба рачно да ги листаат картотеките, туку ќе си ги симнуваат од компјутерски фолдери.“ Значи, секоја картичка е дигитализирана во pdf формат, а главниот збор е истовремено и називот на фајлот, или датотеката. Претпоставувам дека секој фајл е внесен во фолдер по азбучен ред. Например, сите зборови што почнуваат со буквата „д“ се во фолдерот „Д“. Така, ако некој вработен во ИМЈ сака да го бара зборот „дренка“ ќе треба да оди во некоја канцеларија во ИМЈ каде е ставен компјутерот со овие податоци, да го отвори фолдерот „Д“ и да ги прелисти сите фајлови да види дали случајно го има овој збор. А не ни значи дека го има, ако некој пред 50 години не го напишал на картичка. Сметајќи дека овој проект е наменет ексклузивно за употреба на вработените во ИМЈ, истиот нема да биде лесно достапен за лингвисти надвор од ИМЈ. Освен пребарување на зборови по азбучен ред низ фолдери, овој начин на складирање не дозволува пребарување во самите податоци за одреден збор. Например, како некој збор се употребувал во текстови пишувани во одреден временски период. 

Пред околу 20 години јас правев истражувања во ИМЈ, и тогаш им предложив друг начин на зачувување на датотеките. Како пример ги скенирав во pdf формат сите картички со зборови што почнуваат со буквата „Ш“. Потоа секоја скенирана картичка беше ставена во база за податоци Microsoft Access со метаподатоци за многу полесно пребарување. Следно требаше базата да биде префрлена на сервер за пребарување, али тогаш беше крај на мојот престој во ИМЈ. Од ИМЈ немаше иницијатива за продолжување на проектот. Во денешно време, следејќи ги сите иновации во компјутерната лингвистика, и тој начин е веќе застарен. Исто така, зборовите собрани во картотеката со зборови од македонскиот јазик имаат многу мала, или минимална вредност за изучување на македонскиот јазик од неколку причини. Прво, тие се собрани од текстови од пред неколку децении и не ја рефлектираат сегашната реалност на јазикот. Второ, количината на зборови е навистина многу мала за детални лингвистички истражувања. Почетен корпус на текстови треба да се состои од околу 100 милиони зборови, и со надградување да дојди до околу 500 милиони зборови. Трето, многу од изворните текстови во картотеката во ИМЈ се преводи од странска литература.

Што значи постоењето на корпусот за еден научник што се занимава со jазични истражувања? Корпусот на еден jазик претставува збирка од различни видови текстови и jазични материjали дадени во електронска форма. Богатството на корпусот се огледа во броjноста на материjалите од различни функционални стилови и застапеноста на сите функционални стилови. Денес, корпусот служи како поjдовна точка на секое лингвистичко истражување. Факт е дека македонскиот jазик нема ваков корпус во коj би биле вградени репрезентативни текстови на историски и на современ план во електронска форма. Нивното вградување во еден jазичен корпус ќе значи можност за повеќенаменски истражувања. Редко која држава во светот да нема свој национален електронски јазичен корпус. Во Европа, Македонија е единствена држава што нема таков национален корпус. Имаше неколку иницијативи, али сите беа безуспешни заради неразбирливи причини. 

Јас изработив еден таков мал примерен корпус од околу 1.5 милиони зборови со детални метаподатоци за секој извор со систем за тематска класификација на текстовите.  Жанровската класификација во македонскиот корпус ги вклучуваше следните жанрови: Вести, Драма, Економија, Еротика, Историја, Култура, Медицина, Мислења, Наука, Образование, Општество, Поезија, Политика, Право, Проза и Спорт. Обемноста на жанровите влијае врз пребарувањето во корпусот, што значи, колку пообемен е бројот на жанрови, толку пообемен ќе биде бројот на примери на специфични јазични форми кои се присутни во одредените жанрови. Исто така, разновидноста на текстовите дозволува да се прават споредни изучувања на лексички или граматички форми во неколку жанрови. Структурата на компјутерската база на текстовите беше доволно флексибилна за бројот на жанрови да може да се намали или пак евентуално да се прошири. Привремено корпусот беше ставен на сервер во универзитет Осло, али бидејќи немаше иницијатива корпусот да продолжи да се надградува во Македонија истиот сега е недостапен. Подетални информации за таков корпус има тука и тука.

На крај, многу ми е жал што таква огромна сума од 5.000.000 денари е потрошена за проект со минимална вредност, за микрофилми, pdf фајлови и за многу скапи кутии за нивно одржување, а со многу помала сума можеше да се обработи еден навистина лингвистички вреден почетен корпус што ќе му служеше на лингвисти низ целиот свет. Се прашувам, пред да се одобри овој проект, дали некој направил анкета меѓу лингвистите во Македонија, да ги праша дали имаат поголема потреба од скенирани картотеки во ИМЈ, или пак да се обработи Македонски национален јазичен корпус?

PS. Се извинувам за граматички грешки во мојов текст. Моето образование во Македонија беше само до осмо одделение во Подмочани.

November 11, 2022

Стојан Христов (Stoyan Christowe) и претседателот Франклин Д. Рузвелт

Стојан Христов беше писател, новинар, публицист со македонско потекло и сенатор на сојузната држава Вермонт во САД. Еден од неговите романи е „Ова е мојата татковина“ ("This is my country"). За него има често пишувано во македонските медиуми, каде понекогаш се споменува дека овој роман му бил омилен на америчкиот претседател Франклин Д. Рузвелт. Али никаде не се наведува извор за ова тврдење. Имено, кому Рузвелт му го кажал ова. Некои од македонските медиуми исто тврдат дека кога претседателот Франклин  Рузвелт починал на масата била оваа книга. Некои медиуми тврдата дека  книгата била најдена на канцелариската маса во Белата Куќа на Франклин Рузвелт, а некои дека на смртниот час, првото што наоѓаат на масата од Рузвелт е “Ова е мојата татковина”. Никој од медиумите не наведува извор за ова тврдење.

Претседателот Рузвелт почина во неговата „Мала Бела Куќа“ (Little White House) во гратчето Warm Springs во сојузната држава Georgia. Неговиот дом сега е државен музеј со своја веб страна. Од радозналост јас сакав да дознам колку е веродостојна информацијата дека оваа книга Рузвелт воопшто ја поседувал. На веб страната има фотографии од домот. Сите соби во домот се оставени во иста состојба како на денот кога Рузвелт починал. За да добијам точни информации за тоа дали книгата на Стојан Христов постои во овој дом јас се обратив по телефон (+1 706-655-5870 и +1 706-655-5927) до музејот „Мала Бела Куќа“ и разговарав со госпоѓата Robin Garret. Таа многу пријатно ме сослуша и ми објасни дека во музејот има шкафови со книги, исто така и список на сите книги во музејот. Ме замоли да и се јавам после еден час, додека таа не ги прегледа шкафовите со книги и списокот. И се јавив после час и пол, и госпоѓата ми кажа дека таа книга ја нема ни во шкафовите, ни во списокот. Али исто ми рече дека тоа не значи дека таа книга никогаш не била во домот. Ми рече, можно е сопругата на Рузвелт да ја има земено книгата со себе во нивниот дом во  гратчето Hyde Park.

Домот на Рузвелтови е во гратчето Hyde Park во сојузната држава New York, сега неговата Претседателска библиотека. Таа е личната библиотека на претседателот Рузвелт од приближно 22.000 тома. Библиотеката исто има веб страна со опција за пребарување на насловите во неа. Ако пребарувате по автор (Stoyan Christowe) ќе добиетге 0 резултати, што значи дека таму не постои ниедна книга од овој автор. Али, ако пребарувате по наслов ("This is my country"), што е исто така и наслов на романот на Стојан Христов, ќе добиете еден резултат, али тука се работи за илустриран атлас на Америка ("A pictorial map of the United States"), а не романот на Стојан Христов. Тогаш можно e да некој прочитал некаде дека во библиотеката на Рузвелт постои насловот "This is my country" и помислил дека се работи за книгата на Стојан Христов, не знаејќи дека се работи за сосема друга книга, за атлас на Америка. 

Дигитална верзија на книгата на Сотојан Христов на англиски е достапна и на онлајн продавницата на Barnes&Noble. Во детали за книгата таму пишува „It was one of the five books found on President Franklin D. Roosevelt's bedside table when he passed away“, била една од петте книги најдени на креветната маса на претседателот Франклин Д. Рузвелт кога починал. Ако е точно дека спалната соба каде почина Рузвелт е оставена онака како на денот кога тој почина, од фотографијата се гледа дека на таа локација нема никаква книга.


Да резумирам. Според моите досегашни истражувања книгата "This is my country" на Стојан Христов ја нема ни во „Малата Бела Куќа“ во гратчето Warm Springs, ни во Претседателската библиотека во гратчето Hyde Park, ни на креветната маса во спалната соба на Рузвелт. Од тие што тврдат дека се работи баш за книгата на Стојан Христов треба да бараме податоци за нивните извори:

1. Податокот дека Рузвелт ја поседувал оваа книга?

2. Податокот дека книгата на Стојан Христов му била подарена на Рузвелт од сопругата за роденден?

3. Кому Рузвелт му кажал дека оваа книга му била омилена, и дека Стојан Христов му бил омилен писател?

4. Ако оваа книга била една од петте други книги на неговата креветна маса, кои се другите четири книги?


Специјални звуци и извици во македонскиот јазик

  Специјални звуци и извици во македонскиот јазик. А? - Не те слушнав. Што сакаш да кажеш? Аааа! - Не може тоа така. АХ! - Пропуштена прилик...