Писмото беше објавено во оваа група, истото беше цитирано и во други медиуми. Има неколку работи во писмото што се сомнителни за неговата веродостојност. Писмото треба да биде препис од оригинал. Првото прашање е, зошто човекот што го препишал не објавил фотокопија од оригиналот. Второ, не е извесно кој го препишал писмото. Претпоставувам дека ако писмото беше до султанот, сигурно ќе требаше да биде пишувано на турски, а не на прилепски дијалект.
Во писмото има „Два турска печата“. Чии би биле тие печата, од авторот на писмото, или од примателот? Во тоа време училиштата биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија или под Бугарската егзархија. Залудно било барање од султанот за самостално општинско училиште. Али можеби Прилепчани се надевале. Следно прашање е, како ова писмо пратено до султанот во Цариград, со „два турска печата“, се нашло во Архивот на Србија?
Авторот на овој препис од оригиналот, долу лево ја цитира сигнатурата на оригиналот: АС, МИД ПО Ф. V досије IV, Пов. бр. 743. (АС - Архив Србије, МИД - Министарства иностраних дела, ПО - Политичко одељење, Ф - Фонд...). Ова треба да значи дека оригиналот треба да биде на таа локација. Ако може да се добие фотокопија од тој оригинал лесно ќе може да се спореди со препишуваното писмо. Јас се обврзав да најдам начин да добијам фотокопија од документот со горната сигнатура. Пратив барање до Архивот на Србија и тие љубезно ми испратија фотокопија од оригиналот. Документот во Србија, со наведената сигнатура на оригиналот, НЕ е оригиналот од кој е препишано писмото на Прилепчани.
Писмото со оваа сигнатур е писмо од српскиот конзул во Солун П. Карастојановиќ до министерот Јован Ристиќ, во кое пишува дека во Солун пристигнале Светислав Правица со госпоѓата и Шпиро Копривица, со намера да работат „против бугаризацијата на јужните предели во српска Македонија“. Во Солун се сретнале со конзулот Карастојановиќ и со Рускиот конзул Г. Јастребов. „Копривица со свештеникот Спас (еден од организаторите на групата Прилепчани) отидоа да го оттргнат народот од Егзархијата, а Правица дојде да основа во Прилеп школа, во која ќе бидат околу 700 деца... Српската школа во Прилеп веднаш ќе донесе српски школи во Кукуш, Битола и Дебар“. (Писмо од Панта Среќковиќ до Јован Ристиќ, Београд 24.8.1887. АС, МИД, ПО, 1887, Фасц. V, досије IV, пов. бр. 612). Долу се фоокопии од првата и последната страница од писмото на Карастојановиќ. На втората снимка горе десно се гледа сигнатурата на документот. Свештеникот Спас од Прилеп со група Прилепчани се отцепил од бугарската црква и покушал да формира афтокефална црква, али тоа не било дозволено. Цариградската патријаршија не им дозволувала црковно служење на локален македонски дијалект, и во таква ситуација србите пробале да ја придобијат оваа група Прилепчани со праќање свештеници во Белград да учат српски јазик и да основат српски школи на српски јазик.
На крај, ова не значи дека не постои оригинал од кој е препишан текстот на писмото на Прилепчани, али факт е дека тој оригинал не е на локацијата наведена во сигнатурата за оригиналот во преписот. Верувај, али проверувај!
No comments:
Post a Comment