Дали Кралот Александар престојувал во Претор во 1924?
Во книгата „Преспа. Историска енигма“ на страна 154, авторот Кирил Јоновски тврди дека „1924 година - во Преспа дошол кралот Александар Караѓорѓевиќ и тоа во Претор, на источниот брег на Преспанското Езеро.“ На интернет и во други медиуми има неколку слични потврди. Еве е еден пример од неделниот весник „Глобус„ од 3.24. 2020. „На една страница од својот дневник за 1924 година Јаким Јонов од Претор, на печалба во Америка, забележал:
„Денешниов ден ми го разубави писмото од стрика Пандета... Ми пиша дека неговото височество Кралот (Александар Караѓорѓевиќ) престојувал во Претор и оти стрико се покажал како добар домакин. Езерото многу му се бендисало на Кралот и како погранично подрачје побарал овде да се изгради морнаричка касарна и да се донесат патролни бродови за чување на границите со Грција и со Албанија. Слушајќи за езерото ветил дека ќе организира да се испита дали навистина преку ’Врагодупка’ кај Долна Горица водата истекува кај Свети Наум”.
Значи, ова се потврди за случувања во Преспа во 1924. Прашањето е, дали овие потврди се веродостојни? После едно долго пребарување во медиумите на интернет дојдов до следниве податоци. Прво, во српскиот весник „Време“, Среда 26 мај, 1926, страна 3, (види долу), пишува дека посетата се случила не во 1924, него во 1926. Моментално немам многу време да истражувам, дали можеби кралот ја посетил Преспа два пати, и во 1924 и во 1926, али во делот на книгата на авторот Јоновски за „Хроника на Преспа низ вековите“ нема наведено случај за посета на кралот Александар во 1926.
Било како, иако е важно, сепак не е чудо да се утне дата за година или две, како што е случајот тука. Али ова второто е многу важно - дали навистина кралот престојувал во Претор и дали се сретнал со господинот Панде Јонов? Авторот на написот во весникот „Време“ е детално прецизен за тоа како кралот патувал низ Преспа. За посетата на кралот во Преспа имаа известувано и многу други весници и списанија, и кај сите рутите се совпаѓаат. Во написот кај весникот „Време“ јасно е објаснето дека кога дошле до Макази кралот сакал да го види езерото и се насочил натаму, али не према Претор, него према западниот дел и застанал кај Сирхан.
Покрај езерото кралот се задржал еден час и „после тоа“ заминале накај Ресен преку Царев Двор. Што значи, ако кралот веќе го видел езерото од Сирхан не би имал потреба од Сирхан да продолжи накај Претор, и затоа заминал директно за Ресен.
Следното прашање е, дали Панде Јонов, Претседател на Општина Подмочани во тоа време, воопшто се сретнал со кралот и „без сомнение, има голема заслуга за посетата на југословенскиот крал Александар на Претор во 1924 година, за првите воени бродови на Преспанското Езеро“. Јас лично не можам да најдам директни извори дека се сретнал, али тоа не значи дека не се сретнал. Ако се сретнал, каде би можело тоа да се случи? Не верувам дека би се случило за време на неговиот престој во Сирхан. Според написите во медиумите, не изгледа дека посетата во Сирхан била планирана предвреме, така да во изјавите нема информации за средба и разговори со локални луѓе во Сирхан. Можно е да се сретнале во Ресен. Али и таму престојот не беше многу долг, наведени се само неколку имиња на тие што го пречекале во Ресен и во Јанковец, името на Панде Јонов го нема. Во никој од весниците од тоа време нема ништо поврзано со кралот и со воени бродови на Преспанското Езеро, или пак за испитување на истекот на водата од Долна Горица кај Свети Наум.
No comments:
Post a Comment