За „Законот за употреба на македонскиот јазик“
Идејата за заштита на македонскиот јазик со закон од негова неправилна употреба е глупава и главно неостварлива. Идејата дека државата ќе користи законска принуда за да го „заштити“ јазикот интервенирајќи во него е апсурдна и нелиберална. Секоја интервенција и оркестрација во употребата на македонскиот јазик од страна на државата е опасна и деструктивна. Овој закон ќе биде тешко да се спроведе и ќе наметнува само бесмислени казни за луѓето. Oбидот да се донесе овој закон е опасна илузија на луѓе со опсесивна посветеност кон правната “заштита“ на македонскиот јазик. Искрено кажано, нема потреба од Закон за „употреба“ на македонскиот јазик. Имам силно мислење за ова прашање и во следните неколку постови ќе објаснам зошто. Ова го правам од само една многу битна причина. Кога се носеше претстојниот Закон за употреба на македонскиот јазик од Собранието на седницата на 22 јануари 1998, при донесувањето на Законот немаше никаква дискусија од страна на пратениците, а претходно предлог-законот не беше ставен на јавна расправа, овој Закон донесен за заштита на македонскиот јазик не ја постигна својата цел. Истото се случува и со сегашниот предлог-закон. Имаше само една таканаречена дебата за предлог-законот во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде учествувале членови на Советот за македонскиот јазик, професори и лингвисти, како и новинари. Од она што го прочитав во медиумите, собирот мене не ми изгледаше како дебата, него само презентации од присутните институции. Најавено беше дека забелешки може да се достават до Министерството на нивните електронски пошти или преку системот ЕНЕР. Министерството за култура нема објавено забелешки до нивните електронски пошти, ако воопшто има доставено некакви забелешки, а во системот ЕНЕР до денес има само два коментари. Во „Извештајот за проценка на влијанието на регулативата“ (т.е. Законот за употреба на македонскиот јазик) под точка 5. Консултации, Преглед на добиените и на вградените мислења, стои „/“, или нема. Исто и под точка 5.2 Мислења што не биле земени предвид и зошто, стои „/“, или нема. Имајќи во предвид дека за овој предлог-закон како да нема никаква практична јавна дискусија од релевантните субјекти, стравувам дека овој закон ќе ја доживее истата судбина како оној од 1998 година.
Сега да преминам на нешто конкретно во врска со законот. Целта на овој закон е да се регулира „употребата“ на македонскиот јазик и да се казнува неговата неправилна употреба, што по мое мислење е илузорно и апсурдно. Да не заборавиме дека секој јазик, од минатото и од сегашно време, не е ништо друго освен еден обичен код, говорен и писмен, или алатка за комуникација и за производство на информации во писмена или говорна форма. Разбирливо е како може, и понекогаш можеби и треба со закон да се контролираат делата произведени со тој код, како на пример говорот на омраза, али апсурдно е да се мисли дека самиот код поседува некакви „духовни“ својства кои треба да се регулираат со закон и да се казнува неговата неправилна употреба. За време на Чаушеску во Романија потребна беше дозвола за машина за печатење, со цел да се контролира масовното ширење на информации во писмена форма. Како и со овој предлог-закон, таму целта беше со закон и со казнени одредби да се контролира самата алатка за производство и ширење на информации. Во Член 13, став 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик од 1998 стои, „Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице што ќе објави нелекториран текст (член 7, став 1). За прекршокот од ставот 1 на овој член на правното лице може да му се изрече посебна прекршочна мерка одземање на предмети со кои е извршен прекршокот“. Што ова значи во практика? Ако нелекторираниот текст си го напишал на компјутер, на машина за печатење, со пенкало или со молив, истите предмети може да ти бидат одземени. Значи, со одземање на алатките на имателот му се забранува да продолжува да произведува нелекторирани текстови. Ова се само неколку примери од глупоста апсурдноста, опасноста и деструктивноста од донесување на овој закон.
No comments:
Post a Comment