December 18, 2025

Специјални звуци и извици во македонскиот јазик

 Специјални звуци и извици во македонскиот јазик.

А? - Не те слушнав. Што сакаш да кажеш?
Аааа! - Не може тоа така.
АХ! - Пропуштена прилика.
Аха? - Значи, така?
Аууу! - Навистина?
Бооо! - Навистина многу.
Е! - Да, продолжи.
Ехеееее! - Претеруваш!
Ех! - Било така некогаш, али сега не е така.
Де! - Што чекаш?
И? - Што има тука чудно?
Леле! - Ме боли, ми е страв.
Мммм - Не се согласувам со тоа што го кажуваш.
Ооооо! - Изненаден сум.
Оп! - И веднаш....!
Ох! - Се уморив
Охохо! - Изразување на задоволство.
Оф! - Ме боли!
Псст! - Замолчи.
Пу, пу - Не важи. Да не те заречам.
Пф - Многу претеруваш.
У! - Зачуден сум.
Уа! - Срам да ти е, да се засрамиш!
Уф! - Страшно.
Ух! - Незгодно.
Хмммм! - Размисли малце повеќе.
Ха! - Зарем е можно тоа!?
Тц - НЕ.
Шшшшш! - Тишина.

Преснимување картотеки во Институтот за македонски јазик

Македонските медиуми се шират информации за тоа како „Ракописи стари 500 години од Институтот за македонски јазик со дигитализација се спасени од пожар и вода“. Станува збор за проект на Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој го изработи фирмата „Инбокс“. Изјавата за овој проект во сите медиуми беше скоро иста со мали разлики, што значи дека сигурно била напишана од вработени во Институтот и во фирмата Инбокс и дистрибуирана по медиумите. На сајтот на Институт за македонски јазик нема информации поврзани со овој проект. Најновата изјава во Актуелности на сајтот е од 20/10/2020. Овде би сакал да објаснам за што точно се работи, и моите мислења во врска со вредноста на овој проект.
За овој проект потрошени се 5.000.000 денари, или 82.000 евра.
Да почнеме со насловот „Ракописи стари 500 години...“. Овој проект нема никаква врска со никакви ракописи, камоли ракописи стари 500 години, него се работи за дигитализација и преснимување на микрофилм на картотеки со јазични записи. Проектот е многу добро и детално објаснет во весникот „Сакам да кажам“ од 2 јануари 2023. Картотеката е обична кутија полна со картички со впишани податоци за некој збор. Види долу еден пример од таква картичка кај ИМЈ.
На картичката е напишан зборот и податоци за изворот. Почнувајќи некаде од 50-ите години во претходниот век, пред да има компјутери, вработени во Институтот пишувале на вакви картички со машини за печатење, и на крај биле собрани околу 5 милиони такви картички. Овие картички обично им служат на вработените за пишување на речници. Во овој проект секоја картичка е дигитализирана и зачувана во pdf формат, а истовремено и преснимена на микрофилм.
Директорот Јорданчо Митровски од „Инбокс“ објаснува: „...микрофилмот како стандард постои повеќе од 50 години, тој трае и до 500 години. За читање на микрофилмот потребно е само лупа и е тежок за уништување. Тој вид на материјал го создадовме за да има копија во секое време. Од друга страна пак, тој не е оперативен, не може да се користи во секојдневна употреба, единствено што може да се запали или да се изгребе. Затоа и предложивме, согласно најновите технологии што се достапни на пазарот, да се направат дигитални оригинали.“ Прашање е дали микрофилмот трае до 500 години. Микрофилмот е обична пластика која со време многу лесно се распаѓа, не верувам дека во сегашно време тој е стандард, и не верувам дека по 500 години ќе е можно да се најди и читач за микрофилм. Мое лично мислење е дека самата хартиена форма на картичката би била подолготрајна и многу полесна за читање, така да подобро би било да се најди начин да се зачуваат самите хартиени картички во безбедно место, него да се преснимуваат на микрофилм.
Сега во врска со дигиталната форма. Тука се работи за медиум, самата картичка, и податокот впишан во медиумот-картичката. Во овој проект вработените во ИМЈ и во Инбокс одлучиле да се фокусираат во зачувување на медиумот, али за лингвистички истражувања вредноста не е во самиот медиум, него во податокот впишан во медиумот, истовремено да има лесен пристап до тој податок од било кого од било каде. Од Инбокс објаснуваат: „Благодарение на проектот за дигитализација на картотеките на Институтот, документите веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари. Вработените и научниците нема да имаат потреба рачно да ги листаат картотеките, туку ќе си ги симнуваат од компјутерски фолдери.“ Значи, секоја картичка е дигитализирана во pdf формат, а главниот збор е истовремено и називот на фајлот, или датотеката. Претпоставувам дека секој фајл е внесен во фолдер по азбучен ред. Например, сите зборови што почнуваат со буквата „д“ се во фолдерот „Д“. Така, ако некој вработен во ИМЈ сака да го бара зборот „дренка“ ќе треба да оди во некоја канцеларија во ИМЈ каде е ставен компјутерот со овие податоци, да го отвори фолдерот „Д“ и да ги прелисти сите фајлови да види дали случајно го има овој збор. А не ни значи дека го има, ако некој пред 50 години не го напишал на картичка. Сметајќи дека овој проект е наменет ексклузивно за употреба на вработените во ИМЈ, истиот нема да биде лесно достапен за лингвисти надвор од ИМЈ. Освен пребарување на зборови по азбучен ред низ фолдери, овој начин на складирање не дозволува пребарување во самите податоци за одреден збор. Например, како некој збор се употребувал во текстови пишувани во одреден временски период.
Пред околу 20 години јас правев истражувања во ИМЈ, и тогаш им предложив друг начин на зачувување на датотеките. Како пример ги скенирав во pdf формат сите картички со зборови што почнуваат со буквата „Ш“. Потоа секоја скенирана картичка беше ставена во базата на податоци Microsoft Access со метаподатоци за многу полесно пребарување. Следно требаше базата да биде префрлена на сервер за пребарување, али тогаш беше крај на мојот престој во ИМЈ. Од ИМЈ немаше иницијатива за продолжување на проектот. Во денешно време, следејќи ги сите иновации во компјутерната лингвистика, и тој начин за складирање е веќе застарен. Исто така, зборовите собрани во картотеката во ИМЈ со зборови од македонскиот јазик имаат многу мала, или минимална вредност за изучување на македонскиот јазик од неколку причини. Прво, тие се собрани од текстови од пред неколку децении и не ја рефлектираат сегашната реалност на јазикот. Второ, количината на зборови е навистина многу мала за детални лингвистички истражувања. Почетен корпус на текстови треба да се состои од околу 100 милиони зборови, и со надградување да дојди до околу 500 милиони зборови. Трето, многу од изворните текстови во картотеката во ИМЈ се преводи од странска литература.
Што значи постоењето на корпусот за еден научник што се занимава со jазични истражувања? Корпусот на еден jазик претставува збирка од различни видови текстови и jазични материjали дадени во електронска форма. Богатството на корпусот се огледа во броjноста на материjалите од различни функционални стилови и застапеноста на сите функционални стилови. Денес, корпусот служи како поjдовна точка на секое лингвистичко истражување. Факт е дека македонскиот jазик нема ваков корпус во коj би биле вградени репрезентативни текстови на историски и на современ план во електронска форма. Нивното вградување во еден jазичен корпус ќе значи можност за повеќенаменски истражувања. Редко која држава во светот да нема свој национален електронски јазичен корпус. Во Европа, Македонија е единствена држава што нема таков национален корпус. Имаше неколку иницијативи, али сите беа безуспешни заради неразбирливи причини.
Јас изработив еден таков мал примерен корпус од околу 1.5 милиони зборови со детални метаподатоци за секој извор со систем за тематска класификација на текстовите. Жанровската класификација во македонскиот корпус ги вклучуваше следните жанрови: Вести, Драма, Економија, Еротика, Историја, Култура, Медицина, Мислења, Наука, Образование, Општество, Поезија, Политика, Право, Проза и Спорт. Обемноста на жанровите влијае врз пребарувањето во корпусот, што значи, колку пообемен е бројот на жанрови, толку пообемен ќе биде бројот на примери на специфични јазични форми кои се присутни во одредените жанрови. Исто така, разновидноста на текстовите дозволува да се прават споредни изучувања на лексички или граматички форми во неколку жанрови. Структурата на компјутерската база на текстовите беше доволно флексибилна за бројот на жанрови да може да се намали или пак евентуално да се прошири. Привремено корпусот беше ставен на сервер во универзитет Осло, али бидејќи немаше иницијатива корпусот да продолжи да се надградува во Македонија истиот сега е недостапен.
На крај, многу ми е жал што таква огромна сума од 5.000.000 денари е потрошена за проект со минимална вредност, за микрофилмови, pdf фајлови и за многу скапи кутии за нивно одржување, а со многу помала сума можеше да се обработи еден навистина лингвистички вреден почетен корпус што ќе му служеше на лингвисти низ целиот свет. Се прашувам, пред да се одобри овој проект, дали некој направил анкета меѓу лингвистите во Македонија, да ги праша дали имаат поголема потреба од скенирани картотеки во ИМЈ, или пак да се обработи Македонски национален јазичен корпус?


Една вистинска случка од животот на Подмочанецот Трајко Китанчев

 Ова е една вистинска случка од животот на мојот омилен поет, Подмочанецот Трајко Китанчев.

Трајко са родиу на 1 септембар 1858 година во мото село Подмочани. Учиу во Бугарски школи во Подмочани, Ресен и во Цариград. Пото станау многу важен чек во Бугарија. Биу учитеу во многу школи во Бугарија. Биу учитеу и во црковната машка гимназија Св. Кирил и Методи во Солун. Сите од негото време таму зборват дака за држејне говори никого не го бивало ко Трајка. Во то време во Солун имало многу лујѓе од Преспава. Тој редовно држеу говори кога имало собири. Една година ко биу учитеу во та гиманзија имало прослава за празникот Св. Кирил и Методиј, са собрале едно чудо учени лујѓе, политичари, амбасадори и кој не, ама и стотици негој од Преспа. Пред да го почнит говорот Трајко са мислит: Сега да му зборвам на лујѓево учено, литературно по Бугарски, или „по наше“ за пубо да ма разберат мојве од Преспа. Са одлучиј да зборвит по Преспански. Ко завршиу, ракоплескајнето од Преспанци никако да заприт.

Ова мене лично ме потсетува на еден сличен случај со мене. Моето образование после 8-мо одделение во Подмочани беше во САД. Во далечната 2002/2003 година бев на истражување во Македонија преку американската државна фондација Fulbright. Требаше да држам предавање во МАНУ. Немаше многу посетители, можеби петнаесетина. Ама сите академици, професори или студенти. Пред да почнам, се прашувам, како да им се обратам? Не знам дали сите разбираат Англиски, а на литературен Македонски не сум способен. Се решив да ги прашам: сакате на Англиски или на Преспански? Сите рекоа на Преспански, и така бидна. На крајот на предавањето ми се обрати една студентка, со потекло од Подмочани, ќерка на мој пријател од детството. Ми се заблагодари што и дадов можност да слуша предавање на нејзиниот мајчин дијалект.

Пак за „Законот за употреба на македонскиот јазик“

 За „Законот за употреба на македонскиот јазик“

Идејата за заштита на македонскиот јазик со закон од негова неправилна употреба е глупава и главно неостварлива. Идејата дека државата ќе користи законска принуда за да го „заштити“ јазикот интервенирајќи во него е апсурдна и нелиберална. Секоја интервенција и оркестрација во употребата на македонскиот јазик од страна на државата е опасна и деструктивна. Овој закон ќе биде тешко да се спроведе и ќе наметнува само бесмислени казни за луѓето. Oбидот да се донесе овој закон е опасна илузија на луѓе со опсесивна посветеност кон правната “заштита“ на македонскиот јазик. Искрено кажано, нема потреба од Закон за „употреба“ на македонскиот јазик. Имам силно мислење за ова прашање и во следните неколку постови ќе објаснам зошто. Ова го правам од само една многу битна причина. Кога се носеше претстојниот Закон за употреба на македонскиот јазик од Собранието на седницата на 22 јануари 1998, при донесувањето на Законот немаше никаква дискусија од страна на пратениците, а претходно предлог-законот не беше ставен на јавна расправа, овој Закон донесен за заштита на македонскиот јазик не ја постигна својата цел. Истото се случува и со сегашниот предлог-закон. Имаше само една таканаречена дебата за предлог-законот во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде учествувале членови на Советот за македонскиот јазик, професори и лингвисти, како и новинари. Од она што го прочитав во медиумите, собирот мене не ми изгледаше како дебата, него само презентации од присутните институции. Најавено беше дека забелешки може да се достават до Министерството на нивните електронски пошти или преку системот ЕНЕР. Министерството за култура нема објавено забелешки до нивните електронски пошти, ако воопшто има доставено некакви забелешки, а во системот ЕНЕР до денес има само два коментари. Во „Извештајот за проценка на влијанието на регулативата“ (т.е. Законот за употреба на македонскиот јазик) под точка 5. Консултации, Преглед на добиените и на вградените мислења, стои „/“, или нема. Исто и под точка 5.2 Мислења што не биле земени предвид и зошто, стои „/“, или нема. Имајќи во предвид дека за овој предлог-закон како да нема никаква практична јавна дискусија од релевантните субјекти, стравувам дека овој закон ќе ја доживее истата судбина како оној од 1998 година.
Сега да преминам на нешто конкретно во врска со законот. Целта на овој закон е да се регулира „употребата“ на македонскиот јазик и да се казнува неговата неправилна употреба, што по мое мислење е илузорно и апсурдно. Да не заборавиме дека секој јазик, од минатото и од сегашно време, не е ништо друго освен еден обичен код, говорен и писмен, или алатка за комуникација и за производство на информации во писмена или говорна форма. Разбирливо е како може, и понекогаш можеби и треба со закон да се контролираат делата произведени со тој код, како на пример говорот на омраза, али апсурдно е да се мисли дека самиот код поседува некакви „духовни“ својства кои треба да се регулираат со закон и да се казнува неговата неправилна употреба. За време на Чаушеску во Романија потребна беше дозвола за машина за печатење, со цел да се контролира масовното ширење на информации во писмена форма. Како и со овој предлог-закон, таму целта беше со закон и со казнени одредби да се контролира самата алатка за производство и ширење на информации. Во Член 13, став 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик од 1998 стои, „Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице што ќе објави нелекториран текст (член 7, став 1). За прекршокот од ставот 1 на овој член на правното лице може да му се изрече посебна прекршочна мерка одземање на предмети со кои е извршен прекршокот“. Што ова значи во практика? Ако нелекторираниот текст си го напишал на компјутер, на машина за печатење, со пенкало или со молив, истите предмети може да ти бидат одземени. Значи, со одземање на алатките на имателот му се забранува да продолжува да произведува нелекторирани текстови. Ова се само неколку примери од глупоста апсурдноста, опасноста и деструктивноста од донесување на овој закон.

За писмото на Прилепчани до султанот за училиште на македонски јазик во Прилеп

Писмото беше објавено во оваа група, истото беше цитирано и во други медиуми. Има неколку работи во писмото што се сомнителни за неговата веродостојност. Писмото треба да биде препис од оригинал. Првото прашање е, зошто човекот што го препишал не објавил фотокопија од оригиналот. Второ, не е извесно кој го препишал писмото. Претпоставувам дека ако писмото беше до султанот, сигурно ќе требаше да биде пишувано на турски, а не на прилепски дијалект.

Во писмото има „Два турска печата“. Чии би биле тие печата, од авторот на писмото, или од примателот? Во тоа време училиштата биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија или под Бугарската егзархија. Залудно било барање од султанот за самостално општинско училиште. Али можеби Прилепчани се надевале. Следно прашање е, како ова писмо пратено до султанот во Цариград, со „два турска печата“, се нашло во Архивот на Србија?

Авторот на овој препис од оригиналот, долу лево ја цитира сигнатурата на оригиналот: АС, МИД ПО Ф. V досије IV, Пов. бр. 743. (АС - Архив Србије, МИД - Министарства иностраних дела, ПО - Политичко одељење, Ф - Фонд...). Ова треба да значи дека оригиналот треба да биде на таа локација. Ако може да се добие фотокопија од тој оригинал лесно ќе може да се спореди со препишуваното писмо. Јас се обврзав да најдам начин да добијам фотокопија од документот со горната сигнатура. Пратив барање до Архивот на Србија и тие љубезно ми испратија фотокопија од оригиналот. Документот во Србија, со наведената сигнатура на оригиналот, НЕ е оригиналот од кој е препишано писмото на Прилепчани.

Писмото со оваа сигнатур е писмо од српскиот конзул во Солун П. Карастојановиќ до министерот Јован Ристиќ, во кое пишува дека во Солун пристигнале Светислав Правица со госпоѓата и Шпиро Копривица, со намера да работат „против бугаризацијата на јужните предели во српска Македонија“. Во Солун се сретнале со конзулот Карастојановиќ и со Рускиот конзул Г. Јастребов. „Копривица со свештеникот Спас (еден од организаторите на групата Прилепчани) отидоа да го оттргнат народот од Егзархијата, а Правица дојде да основа во Прилеп школа, во која ќе бидат околу 700 деца... Српската школа во Прилеп веднаш ќе донесе српски школи во Кукуш, Битола и Дебар“. (Писмо од Панта Среќковиќ до Јован Ристиќ, Београд 24.8.1887. АС, МИД, ПО, 1887, Фасц. V, досије IV, пов. бр. 612). Долу се фоокопии од првата и последната страница од писмото на Карастојановиќ. На втората снимка горе десно се гледа сигнатурата на документот. Свештеникот Спас од Прилеп со група Прилепчани се отцепил од бугарската црква и покушал да формира афтокефална црква, али тоа не било дозволено. Цариградската патријаршија не им дозволувала црковно служење на локален македонски дијалект, и во таква ситуација србите пробале да ја придобијат оваа група Прилепчани со праќање свештеници во Белград да учат српски јазик и да основат српски школи на српски јазик.

На крај, ова не значи дека не постои оригинал од кој е препишан текстот на писмото на Прилепчани, али факт е дека тој оригинал не е на локацијата наведена во сигнатурата за оригиналот во преписот. Верувај, али проверувај!







За обнова на училиштето во Љубојно.

Сега веќе ја добивме крајната цена за реконструкција на ова училиште во Љубојно, сума од 32.8 милиони денари! Не сакам да бидам сфатен погрешно, јас сум од Преспа и ме радува секаква инвестиција за разубавување на овој крај. Овој проект би сакал да го проанализирам од поширока гледна точка, што се однесува до неговата практична вредност за лингвистите, за промоција на македонскиот јазик и за државата. Овој проект има повеќе сентиментална вредност за тие што памтат кога учеле таму, има минимална историска вредност дека беше второ училиште после војната со настава на македонски јазик, а скоро никаква практична вредност за денес и за во иднина. Што се однесува до обновувањето, или реновирањето на школото, како што се гледа на фотографијата таму навистина нема што да се обнови, бидејќи таму нема ниту покрив, ниту четири здрави целосни ѕида. Целиот објект ќе треба да се руши и да се изгради сосема нов. На интернет има фотографии од проектот, според тој проект објектот нема да има ниту сличен изглед на сегашниот. Што се однесува до сентименталната вредност, верувам дека има многу, многу други културни објекти низ државите што исто така имаат сентиментална вредност за жителите на тие места. И зошто да се вложи ваква огромна сума само за реновирање на само еден таков објект? На пример, и ние во Подмочани имаме старо училиште со сентиментална вредност на кое му треба реновирање. Пред Втората светска војна во ова училиште предаваше тајно на македонски јазик Петар Здравковски - Пенко. Кога доаѓала инспекција во школото, Пенко им велел на учениците да ги кријат македонските книги во торбите. После војната Пенко беше Генерален секретар на Владата на СРМ, Претседател на Советот за просвета на НРМ и Претседател на Универзитетскиот совет и амбасадор во неколку земји.

Министерката за култура вели дека идејата е овој објект да стане собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик, и по неговото обновување, овој објект ќе биде „Центар за промоција на македонскиот јазик“. Во врска со ова, едно прашање е, дали воопшто има практична потреба во државата од додатен објект како собиралиште за овие луѓе? Во државата има неколку катедри за македонски јазик каде овие луѓе може да се соберат и да го промовираат македонскиот јазик. За такви собири исто ги имаме Институтот за македонски јазик и Конгресниот центар во Охрид, каде со децении се собирале лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик. Каква улога би имал објектот во Љубојно што не може да се обезбеди во овие други места? Второ прашање е, кога се размислуваше за обнова на објектот во Љубојно, дали иницијативата беше покрената од лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик дека имаат практична потреба баш од овој објект во Љубојно, или иницијативата беше покрената само од Министерството за култура без консултации со нив? Ако е второто, како Министерството за култура ќе биде убедено дека штом школото се изгради ќе биде употребувано од засегнатите?
Селото Љубојно се наоѓа во пазувите на Баба планина, оддалечено од Скопје околу 200 километри. Селото има само околу 10-15 семејства што живеат таму постојано. Ако се планираат било какви собири во школото, лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик ќе треба да патуваат од Скопје. Во Љубојно нема ниту ресторани, ниту хотел за престој на поголема група. Ако овие луѓе имаат избор за собир во Љубојно, или пак во Охрид во Конгресниот центар покрај Охридското езеро, за каде би се одлучиле? И што ако објектот се изгради, а нема кој да го употреби? Сумата од 32.8 милиони денари е само за реконструкција на школото. Штом школото ќе се пушти во употреба ќе мора да се вработи барем еден човек кој ќе треба да го одржува објектот. Дали Министерството за кутура може да гарантира финансиски средства за постојано одржување на објектот?
Ако главната цел на објектот, како што е замислен од Министерството за култура е за собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик и за промоција на македонскиот јазик, со олкава голема сума од 32.8 милиони денари можеше да се финансираат неколку проекти со вистинска практична вредност за нив. Еден многу важен таков проект би бил изработка на национален јазичен корпус на македонскиот јазик. Да напоменам дека Македонија е единствената држава во Европа што нема свој национален јазичен корпус. За таков проект потребна е само една соба и еден сервер во некоја институција, и минимум тројца вработени. Собата може да се обезбеди во Институтот за македонски јазик. Веќе е планирано во истиот Институт да се вработат неколку нови соработници, доволно е тројца од нив да бидат наменети за корпусот. Со сума од 32.8 милиони денари може да се основа корпусот и да продолжи да работи без други финансиски средства за следните 10 години. На крај, се прашувам, ако Министерството за култура би направила анкета меѓу лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик, дали претпочитуваат сумата од 32.8 милиони денари да се намени за обнова школото во Љубојно, или за основање на национален јазичен корпус, убеден сум дека би го претпочитале вториот избор. Еден таков корпус би бил виртуално собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори не само од Македонија, него и од целиот свет, и ќе биде вистинско и практично место за промоција на македонскиот јазик.

За јазикот: инстинкт или културен производ?

Јазикот не е културен производ што го учиме исто како што учиме да танцуваме и пееме; напротив, тој е дел од биолошката природа на нашиот мозок. Јазикот е сложена и специјализирана способност што се развива кај детето спонтано, без свесен напор или формално учење. Ние го користиме без да ја разбираме неговата внатрешна логика; кај сите луѓе тој е суштински ист и е одвоен од пошироките способности за интелигентно однесување или обработка на информации.

Луѓето знаат да зборуваат отприлика на истиот начин како што пајаците знаат да ткаат мрежи. Да се гледа на јазикот како на инстинкт е спротивно на вообичаеното сфаќање за формирањето на јазикот. Но, тој е производ на добро развиен биолошки инстинкт. Овој вроден „програм“ може да се нарече ментална граматика, која нема врска и не треба да се меша со стандардните граматики — тие се само упатства за правилно пишување и зборување.

Мозокот мора да содржи рецепт или програма што може да изгради неограничен број реченици од ограничен список на зборови. Затоа, децата сигурно се раѓаат со план што е заеднички за граматиките на сите јазици, со Универзална Граматика што им помага да ги извлечат синтаксичките обрасци од говорот на нивните родители. Луѓето во една говорна заедница развиваат суштински ист јазик, и тоа може да се објасни само ако претпоставиме дека сите тие следат строги принципи што го насочуваат создавањето на граматиката. Значи, јазикот не е обична културна творба, туку производ на посебен човечки инстинкт, и затоа не може да биде дел од некое нематеријално духовно културно наследство. 

Во лингвистиката има многу примери како групи луѓе во некоја јазична средина создаваат нов јазик. Пиџин јазиците, на пример,  се појавуваат кога групи луѓе што немаат заеднички јазик мора да комуницираат поради практични причини — најчесто во контексти поврзани со трговија, работа или колонизација. Бидејќи говорителите потекнуваат од различни јазични средини, тие создаваат поедноставен систем за меѓусебно разбирање, со ограничен речник, намалена граматика и многу директна реченична структура. Овие јазици обично го црпат поголемиот дел од речникот од „суперстратниот“ јазик — јазикот на доминантната група — додека граматичките обрасци често се под влијание на јазиците на потчинетите групи. Пиџин не е мајчин јазик; тој служи како практична алатка за основна комуникација.

Со текот на времето, некои пиџини стануваат постабилни и покомплексни, особено ако почнат да се користат од повеќе генерации. Ако пиџинот стане прв јазик на децата во заедницата, тој може да се развие во креол — целосно оформен природен јазик. Примери за познати пиџини се Ток Писин во Папуа Нова Гвинеја (кој подоцна се креолизирал), Нигериски пиџин англиски, како и кинескиот пиџин англиски што се користел во трговијата.

Креолските јазици се создаваат кога еден пиџин — поедноставен контакт јазик — ќе стане мајчин јазик на нова генерација говорители. Кога децата растат со пиџин како свој прв јазик, тие природно го прошируваат и го организираат, додавајќи поголем речник, поразвиена граматика, стабилни правила за време и аспект и поконзистентен изговор. Така пиџинот се претвора во целосно функционален јазик. Овој процес најчесто се случува во повеќејазични заедници каде ниту еден јазик не е доволно доминантен за секојдневниот живот.

Примери за креолски јазици се хаитскиот креолски (оформен од контакт меѓу француски и африкански јазици), Ток Писин во Папуа Нова Гвинеја (денес креолизиран), јамајканскиот патоа, кој произлегува од англискиот и западноафриканските јазици, и кабо-вердеанскиот креолски, базиран главно врз португалскиот. Други примери се Крио во Сиера Леоне и Папјаменто во Карибите. Овие креоли се природни, целосно развиени јазици што можат да изразат сè што можат и другите јазици и често претставуваат важен дел од културниот идентитет на заедницата.


За споменикот на плоштадот во Ресен

За овој споменик имам пишувано и порано. Денес најдов многу подобра фотографија, направена од Манаќи. Споменикот беше подигнат некаде во 1928 година, на плоштадот во Ресен, каде се погребани 300 македонски војници од Балканските војни и Првата светска војна. Споменикот беше подигнат од жителите на Преспа. Во Втората светка војна Бугарите го рушиле, и од тогаш нема трага од споменикот. И ден денес нема ни плаката или напис дека на плоштадот во Ресен погребани се македонски војници. Во скоро секое село во Преспа има споменик за загинати борци од НОБ, али ништо на ова место. 

На една страна на споменикот пишува, преведено на македонски, „Благодарни Преспанци го подигнаа овој споменик на загинатите браќа за ослободувањето на Преспа“. На другата страна пишува, „Овде се закопани костите на загинатите и умрени борци за ослободувањето на Преспа од 1912-1918. Е, сега вие драги Преспанци и Ресенчани прашајте се, дали вреди да се постави некој знак на тоа место, каде што многу од нас го газиме секој ден, дека тука лежат костите на наши сограѓани што го дале животот за нас. Во тоа време жителите на Преспа сигурно дале голема сума пари за да се изгради овој споменик. А зошто не и ние денес за да се постави една скромна плаката. Ме интересира, дали некој ќе може да препознае некој од овие Ресенчани.












Дали Кралот Александар престојувал во Претор во 1924?

Дали Кралот Александар престојувал во Претор во 1924?

Во книгата „Преспа. Историска енигма“ на страна 154, авторот Кирил Јоновски тврди дека „1924 година - во Преспа дошол кралот Александар Караѓорѓевиќ и тоа во Претор, на источниот брег на Преспанското Езеро.“ На интернет и во други медиуми има неколку слични потврди. Еве е еден пример од неделниот весник „Глобус„ од 3.24. 2020. „На една страница од својот дневник за 1924 година Јаким Јонов од Претор, на печалба во Америка, забележал:
„Денешниов ден ми го разубави писмото од стрика Пандета... Ми пиша дека неговото височество Кралот (Александар Караѓорѓевиќ) престојувал во Претор и оти стрико се покажал како добар домакин. Езерото многу му се бендисало на Кралот и како погранично подрачје побарал овде да се изгради морнаричка касарна и да се донесат патролни бродови за чување на границите со Грција и со Албанија. Слушајќи за езерото ветил дека ќе организира да се испита дали навистина преку ’Врагодупка’ кај Долна Горица водата истекува кај Свети Наум”.

 Значи, ова се потврди за случувања во Преспа во 1924. Прашањето е, дали овие потврди се веродостојни? После едно долго пребарување во медиумите на интернет дојдов до следниве податоци. Прво, во српскиот весник „Време“, Среда 26 мај, 1926, страна 3, (види долу), пишува дека посетата се случила не во 1924, него во 1926. Моментално немам многу време да истражувам, дали можеби кралот ја посетил Преспа два пати, и во 1924 и во 1926, али во делот на книгата на авторот Јоновски за „Хроника на Преспа низ вековите“ нема наведено случај за посета на кралот Александар во 1926. 

Било како, иако е важно, сепак не е чудо да се утне дата за година или две, како што е случајот тука. Али ова второто е многу важно - дали навистина кралот престојувал во Претор и дали се сретнал со господинот Панде Јонов? Авторот на написот во весникот „Време“ е детално прецизен за тоа како кралот патувал низ Преспа. За посетата на кралот во Преспа имаа известувано и многу други весници и списанија, и кај сите рутите се совпаѓаат. Во написот кај весникот „Време“ јасно е објаснето дека кога дошле до Макази кралот сакал да го види езерото и се насочил натаму, али не према Претор, него према западниот дел и застанал кај Сирхан.

 Покрај езерото кралот се задржал еден час и „после тоа“ заминале накај Ресен преку Царев Двор. Што значи, ако кралот веќе го видел езерото од Сирхан не би имал потреба од Сирхан да продолжи накај Претор, и затоа заминал директно за Ресен. 

Следното прашање е, дали Панде Јонов, Претседател на Општина Подмочани во тоа време, воопшто се сретнал со кралот и „без сомнение, има голема заслуга за посетата на југословенскиот крал Александар на Претор во 1924 година, за првите воени бродови на Преспанското Езеро“. Јас лично не можам да најдам директни извори дека се сретнал, али тоа не значи дека не се сретнал. Ако се сретнал, каде би можело тоа да се случи? Не верувам дека би се случило за време на неговиот престој во Сирхан. Според написите во медиумите, не изгледа дека посетата во Сирхан била планирана предвреме, така да во изјавите нема информации за средба и разговори со локални луѓе во Сирхан. Можно е да се сретнале во Ресен. Али и таму престојот не беше многу долг, наведени се само неколку имиња на тие што го пречекале во Ресен и во Јанковец, името на Панде Јонов го нема. Во никој од весниците од тоа време нема ништо поврзано со кралот и со воени бродови на Преспанското Езеро, или пак за испитување на истекот на водата од Долна Горица кај Свети Наум.

Еве еден напис од весникот Време од февруари 1929. На почетокот авторот вели дека кралот бил на посета во Битола на три дена во прошлиот октомври, значи во 1928. Бил на лов, дошол до Цапари, слегол во полето, наредил да се сервира полски ручек. Сретнал овчарчиња, му дал да си поделат 1000 динари, ручале заедно, се фотографирале и си заминал. Авторот на текстот пишува како на 23.2.1929 поглаварот на Битола отишол во Цапари да им занеси фотографии за успомен. Значи, овде има две прашања. Прво, дали за време на таа посета во Битола во октомври 1928 кралот исто го посетил и Ресен. Ако го посетил Ресен, тоа значи дека информацијата од вашата фотографија дека посетата на кралот била на 16.02.1929 не е точна. Второ, дали после неговата посета во октомври 1928 кралот пак навратил накај овој регион и го посетил Ресен во февруари 1929? Мислам дека и ова не е можно. Зошто? Споредете ги двете дати. Фотографијата тврди дека посетата била на 16.02.1929. Написот во весникот Време е од 23.2.1929, значи само една недела потоа. Нели е логично дека ако постоела таква посета на кралот на таа дата пред само една недела авторот ќе спомнеше нешто во врска со тоа?
Не е спорно дека можеби кралот два пати бил во Ресен. Али дефинитивно не е „новинарски пропуст“ од страна на новинарот на весникот. Има и други податоци дека кралот бил во Битола во октомври 1928. Проблемот со „грешки“ и „пропусти“ кај нас е огромен, така да многу е тешко да се прават научни истражувања. Ако некоја грешка се повтори неколку пати таа веќе станува факт. А факти не треба да се базираат на грешки и пропусти. Во врска со датата наведена од Баге, можеби дозволиво е да има грешка од една цифра во денот, месецот или годината. Али овде целата дата е утната. Ако јас како читател гледам вакви грешки можам да се посомневам за веродостојноста и на други факти наведени во некој текс.
Време 17.6.1925. Да, два пати бил во Ресен, првиот пат на 16.6.1925. Во Ресен се сретнал со општинскиот одбор и со други општински власти и поразговарал со нив „десетак минута“.








Специјални звуци и извици во македонскиот јазик

  Специјални звуци и извици во македонскиот јазик. А? - Не те слушнав. Што сакаш да кажеш? Аааа! - Не може тоа така. АХ! - Пропуштена прилик...